Линкови за пристапност

Tрамп отпочна итна серија дипломатски консултации за Северна Кореја


Претседателот на САД утрово имаше речиси едночасовен телефонски разговор со јапонскиот премиер Шинзо Абе

Во соопштението на Белата куќа се вели дека обајцата лидери се согласиле дека Северна Кореја „претставува сериозна и растечка директна закана“ по САД, Јапонија, Јужна Кореја и други држави и дека Трамп и Абе се обврзале да го зголемат дипломатскиот и економскиот притисок.

Абе за новинарите изјави дека со американскиот претседател целосно се согласуваат дека „мора да се преземе натамошна акција“.

„Имам голема почит спрема определбата на претседателот Трамп за преземање на секаква неопходна мерка за заштита на своите сојузници. Отсега натаму, под силно единство меѓу САД и Јапонија, ќе имаме конкретна акција околу воените дејствија, ќе го подобриме нашиот капацитет и ќе преземеме секаква мерка на претпазливост за да ја гарантираме безбедноста на нашиот народ воочи севернокорејската закана“, истакна премиерот на Јапонија.

Северна Кореја во петокот истрела балистички проектил, втор тест во период од неколку недели. Последниот проектил прелетал повисоко и подолго споредено со оној од 4-ти јули.

Американскиот потпретседател Мајк Пенс за време на посетата на Естонија, изјави дека опасноста на Пјонгјанг по меѓународниот мир, сега им е јасна на сите држави.

„Продолжителните провокации од страна на непринципиелниот режим во Северна Кореја, се неприфатливи и САД ќе продолжат со организирање поддршка на државите од регионот и ширум светот, со цел натамошна економска и дипломатска изолација на Северна Кореја. Но, на ерата на стратешко трпение и` е дојден крајот“, истакна Пенс.

Два американски бомбардера придружувани од јапонски и јужнокорејски воени авиони, прелетаа над Корејскиот Полуостров, за да демонстрираат сила против Северна Кореја.

Пјонгјанг издаде соопштение во кое кажа дека најновиот тест на проектил, за кој се верува дека може да достигне до американско тло, бил „сериозна закана“ за Вашингтон, да не ги прошири санкциите.

Во саботата, претседателот Трамп преку Твитер, ја издвои Кина, главниот дипломатски и економски сојузник на Северна Кореја, велејќи дека е „мошне разочаран“ од Пекинг, којшто, како што кажа, „би можел мошне лесно да го реши овој проблем“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG