Линкови за пристапност

Претседателските кандидати реагираат на тестот на Северна Кореја


За тестот на Пјонгјанг многумина ја обвинуваат „неефикасната“ надворешна политика на Обама.

Тврдењето на Северна Кореја дека извршила успешно тестирање на хидрогенска бомба во средата, брзо најде место и во трката за претседател 2016-та.

Неколку републикански кандидати ја обвинија „неуспешната“ надворешната политика на претседателот Барак Обама и на водечката претседателска кандидатка од Демократската партија и државна секретарка за време на неговиот прв мандат, Хилари Клинтон, што Пјонгјанг извел наводно четврти нуклеарен тест во изминатава деценија.

Еден од водечките републикански кандидати, Марко Рубио, сенатор од Флорида, кажа дека „непријателите ја користат слабоста на Обама“. Тој го обвини Обама дека не прави ништо додека „лудиот лидер“ во Пјонгјанг, севернокорејскиот претседател Ким Јонг Ун, го загрозува меѓународниот мир.

Друг републикански кандидат, сенаторот на Тексас, Тед Круз, кажа дека тестот „ја подвлекува сериозноста на заканите со кои се соочуваме во моментов и исто така несоодветната надворешна политика на Обама/Клинтон“.

Поранешниот гувернер на Флорида, Џеб Буш, син и брат на двајца поранешни американски претседатели, кажа дека „нуклеарниот тест на Северна Кореја укажува на опасностите од неефикасната надворешна политика на Обама/Клинтон“.

Доналд Трамп, моментално водечкиот кандидат за претседател од Републиканската партија според американските истражувања на јавно мислење, рече дека Кина требало да го реши проблемот со нуклеарните тестови на Северна Кореја.

„А ако не го решат, ние треба да ја отежнеме трговијата за Кина, зашто Северна Кореја е тотално под кинеска контрола. Без Кина тие не ќе имаат да јадат“, рече Трамп, нарекувајќи го Ким лудак.

Кандидатот од Демократската партија Берни Сандерс исто така повика САД да извршат притисок врз Кина за да ја присили Северна Кореја да ги почитува меѓународните норми.

Нуклеарниот тест на Северна Кореја, Клинтон го нарече „провокативен и опасен акт“ на кој САД треба да одговорат со нови санкции спрема Пјонгјанг и со зајакнување на противракетната одбрана.

Во соопштението од Клинтон стои: „Северна Кореја не треба да се сомнева дека ние ќе преземеме се` што е потребно да се одбраниме и да ги браниме нашите сојузници Јужна Кореја и Јапонија.“

XS
SM
MD
LG