Северна Кореја најави дека ќе го прекине официјалниот дијалог со Јужна Кореја.
Според севернокорејските државни медиуми, од денес напладне, локално време, Северна Кореја ги прекинува сите четири канали на официјална комуникација, вклучувајќи ги пограничната канцеларија за посредништво, врската за воена комуникација, како и граничната линија меѓу канцеларијата на владејачката партија на Северна Кореја и претседателската канцеларија на Јужна Кореја.
„Овој потег е првиот чекор во нашата одлучност целосно да ги прекинеме контактите со Јужна Кореја, и да се ослободиме од непотребни работи“, соопшти Корејската централна новинска агенција.
Како оправдување за ваквата постапка, Северна Кореја ги потенцираше граѓанските активисти од Јужна Кореја, кои со години фрлале преку границата флаери против Пјонгјанг.
„Тие се осмелија да го повредат дигнитетот на нашето врховно лидерство, и да го исмејат менталитетот на нашиот народ“, објави Агенцијата.
Јужна Кореја, која сака да ги подобри односите со Северна Кореја, се обиде да ги стопира ваквите постапки на активистите, укажувајќи дека ќе вложи напори за подобрување на релацијата меѓу двете држави.
За претседателот на САД Доналд Трамп, преговорите за денуклеаризација со Ким Џонг Ун, во моментот не се приоритет, фокусирајќи се на неговата реизборна кампања, пандемијата на КОВИД-19, како и на протестите против расизмот и полициската бруталност.
Северна Кореја бара олеснување на санкциите и безбедносни гаранции од САД, но, Трамп одбива да го понуди тоа, додека Пјонгјанг целосно не се откаже од нуклеарната програма.
Facebook Forum