Нацрт-резолуцијата е значително омекната од она што Американците го предложија пред една недела, и е резултат на интензивни преговори со Русија и Кина, кои имаат право на вето во Советот за безбедност на ОН.
Со новиот предлог се отстранува нафтеното ембарго против Северна Кореја што го бараа САД, и се заменува со ограничување на сегашните нивоа на извоз на сирова нафта во Северна Кореја. Кина не е подготвена за преземање на какви било драстични мерки, коишто потенцијално би можеле да ја уништат севернокорејската економија.
Во текстот на нацрт-резолуцијата се изоставени и повиците за санкционирање на севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун или воведување забрана за негови патувања и замрзнување на имотот.
Новиот предлог упатува на забрана за патување за членови на Работничката партија на Корејската централна воена комисија и замрзнување на нејзините средства. Комисијата раководи со армијата на Северна Кореја и ги насочува воените одбранбени индустрии на земјата.
Нацрт-резолуцијата ја задржува забраната за севернокорејскиот текстил. Минатата година, текстилната индустрија донела приход од речиси една милијарда долари во државата.
Резолуцијата беше изготвена од страна на САД, како одговор на шестиот нуклеарен тест на Пјонгјанг на 3-ти септември, за кој се верува дека е првата хидрогенска бомба на режимот.
Северна Кореја денеска предупреди дека САД ќе платат „голема цена“, ако Советот за безбедност на ОН одобри дополнителни санкции против Пјонгјанг.
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, истакна дека сите опции се на маса во справувањето со Северна Кореја, вклучувајќи и воен одговор. Трамп додаде дека секаква севернокорејска закана против САД или нивните сојузници, ќе биде проследена со остра реакција.
Facebook Forum