Линкови за пристапност

Реакции по најновите санкции врз Северна Кореја


Реакциите во Азија по најновите санкции наметнати врз Северна Кореја се позитивни, но многумина се` уште се скептични во однос на тоа дали тие ќе имаат значително влијание.

Ако целосно се спроведат, новите мерки значително ќе го намалат пристапот на Северна Кореја кон меѓународни валути и гориво, потребни за развој на балистичките и нуклеарни програми.

Амбасадорката на САД во ОН Ники Хејли, рече дека целта на новите санкции е да го убедат Пјонгјанг да прекине со програмата за развој на нуклеарни ракети во замена за олеснување на санкциите, економска помош и безбедносни гаранции.

Реакции

Од Канцеларијата на претседателот на Јужна Кореја соопштија дека новите санкции испраќаат заедничка порака дека меѓународната заедница никогаш нема да прифати Северна Кореја да биде нуклеарна држава.

Јапонскиот премиер Шинзо Абе, исто така ја поздрави резолуцијата, и рече дека Токио ќе продолжи да соработува со меѓународната заедница за промена на политиката на Пјонгјанг.

САД побараа поостри казни, вклучувајќи целосно нафтено ембарго, замрзнување на средствата на лидерот Ким Јонг Ун и овластување за употреба на воена сила против бродови, за кои постои сомневање дека шверцуваат забранети материјали.

Но, Кина и Русија, кои имаат право на вето во Советот за безбедност, се согласија со донесување на компромисна верзија, изразувајќи решеност за враќање на дијалогот за решавање на прашањето.

Пекинг и Москва побараа од САД да ги прекинат заедничките воени вежби со Јужна Кореја, во замена за замрзнување на нуклеарната програма на Северна Кореја, но амбасадорката на САД во ОН го отфрли предлогот велејќи дека е навредлив. Вашингтон и сојузниците велат дека ова се легитимни дефанзивни мерки и не можат да се споредат со нуклеарната програма на Северна Кореја.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG