Обидот на Северна Кореја да тестира проектил, се чини дека завршил неуспешно, соопшти Јужна Кореја.
Во соопштение на Здружениот генералштаб на Јужна Кореја, се вели дека проектилот бил лансиран во понеделникот наутро, во близина на пристанишниот град Вонсан.
Официјални лица не прецизираа за каков проектил се работи, но додадоа дека најверојатно станува збор за проектилот со среден домет, „Мусудан“, сличен на оној од април што Северна Кореја се обиде на три пати да го тестира, што исто така заврши неуспешно.
Проектилот се верува дека има дострел од 3.000 до 4.000 километри и доколку операцијата е успешна, може да погоди цели како Јапонија, Кина и Гуам.
Советот за безбедност на ОН и` забрани на Северна Кореја да развие нуклеарна и технологија за балистички проектили. ОН во март воведоа остри нови санкции, како притисок врз Пјонгјанг да ги почитува овие рестрикции. Северна Кореја на тоа одговори со тестирање на серија проектили од краток и среден домет речиси секоја недела.
Кина, клучниот сојузник на Северна Кореја, ја повика Владата на претседателот Ким Јонг Ун да се врати на меѓународните разговори и да ја укине нуклеарната програма во замена за економска помош и безбедносни гаранции.