Линкови за пристапност

Обама загрижен, но не изненаден од потегот на Северна Кореја


Американскиот претседател разговарал со Кина и со Јужна Кореја за Северна Кореја

Американскиот претседател Барак Обама вели дека е загрижен, но не и изненаден од лансинирањето на ракетата од страна на Северна Кореја во неделата.

Во интервју за ЦБС кое се емитуваше во понеделникот, Обама вели: „Мислам дека подолго време сме загрижени околу однесувањето на Северна Кореја. Ова е авторитарен режим. Провокативен. Во неколку наврати ги прекршуваат резолуциите на Обединетите нации, тестираат и произведуваат нуклеарно оружје и сега се обидуваат да го усовршат лансирањето на својот ракетен систем.“

Обама изјави дека имал разговори со кинескиот претседател Ши Џинпинг во петокот пред лансирањето на темата Северна Кореја.

Исто така изјави дека САД се консултира со Јужна Кореја „за првпат околу поголема ракетна одбрана како превенција од можноста Северна Кореја да достигне до американски објекти или американска популација“ со ракетни напади.

Американскиот лидер вели дека лансирањето на Пјонгјанг во неделата било очекувано.

„Не се многу добри во хранењето на своите луѓе, но, инвестираат огромна сума во нивните системи на оружје.“

XS
SM
MD
LG