Линкови за пристапност

Недела на иднината: Поддршка на борбата против климатските промени


И Скопје се вклучи во глобалната акција за подигнување на свеста на светската популација за неопходноста од поинаков однос кон климатските промени и од спречување на еколошката катастрофа

Непосредно пред Самитот за климатска акција на Обединетите нации што ќе се одржи во Њујорк и наспроти декемвриската Конференција за климатски промени во Сантјаго де Чиле, со протести и активности ширум планетата, во над илјада градови и 139 држави, од Тајланд, Јапонија, Индонезија и Мјанмар, до САД, Австралија и Европа, денес илјадници граѓани на над 4,5 илјади собири, ќе се заложат против климатските промени.

Најмасовната и најраспространетата акција во историјата на климатските протести, е продолжување на заложбите на 16-годишната ученичка од Шведска, Грета Тунбер преку протестот „Петоци за иднината“ (Fridays for Future) за преземање на итни чекори за спречување на можната еколошка катастрофа.

И Македонија се вклучи во планетарната серија протести, откако денеска, пред Владата, локалното движење „Петоци за иднината“, организираше протест со што симболично беше отворена акцијата „Неделата за иднината“, која ќе трае сè до 27-ми септември. Протестот и „Неделата...“ која ќе заврши следниот петок, со марш на активистите и граѓаните од пред Министерството за животна средина и просторно планирање, ги поддржаа неколку невладини организации за заштита на животната средина: Движењето за чист воздух, Skopje Smog Alarm, Го Сакам Водно, O2 Иницијативата....

На денешниот симболичен протест беа истакнати и барања: активирање на национално тело за борба против климатски промени и прогласување на вонредна состојба на национално ниво, затворање на постоечките електрани на јаглен и преминување до 80% обновливи извори на енергија до 2030 и 100% до 2050 година, план за намалување на употребата на автомобили, заедно со комплетна обнова и проширување на капацитетите на јавниот транспорт и воведување на климатската проблематика во формалното образование...

Во текот на „Неделата за Иднината“, според активистите во организацијата, ќе се организираат разновидни акции, работилници, дискусии…. Во повикот до граѓаните, пред сè, младите, О2 Иницијатива излезе со став: „Излези, не седи дома! ФБ и твитер не се доволни“.

Во сабота, ќе се „чека трамвајот“ наречен „Желба за чист воздух“, а ќе се одржи и велосипедски карван низ Скопје во организација на „Еко Свест“, од паркот наспроти Собранието до Градскиот парк, каде ќе се биде прикажана филмска проекција под отворено небо на тема - климатски промени. За в недела е планирана акција за ослободување на заробени дрвја во Скопје, а во среда ќе се организира панел-дискусија со професорите Наташа Марковска, претставник на Македонија во Меѓународниот панел за климатски промени и Ристо Цицонков, автор на првиот Национален извештај за климатски промени, и Симона Гетова, магистер по менаџмент и политики за животна средина од ЦЕУ во Будимпешта. Во четврток ќе биде организирана работилница “Градење моќ и глокално дејствување” во организација на „Young frineds of the Earth – Macedonia“, со дискусии за политичката екологија и климатски промени, а во петок на 27 септември, според планот, треба да се одржи „Марш за климата“.


Иако од локалната иницијатива „Петоци за иднината“, потенцирајќи дека „опстанокот на човековата цивилизација зависи од постапките кои ќе ги преземеме во наредните години“, побараа од наставниот кадар на средните училишта во престолнината да се солидаризира со глобалниот настан и да им дозволи на средношколците денеска да ги напуштат првите два часа од втората смена, посетеноста на настанот не беше според очекувањата.

Во светската топ-тема на свој начин неодамна се вклучија и државните институции. Како дел од соработката на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) и Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП, се одржа воведна работилница на новиот проект „Зајакнување на институционалните и технички капацитети за подобрување на транспарентноста за климатски промени во рамките на Договорот од Париз (CBIT проект)“.

На настанот се обратиле постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), Нарине Сахакјан и заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули. Според МЖСПП, во рамките на проектот ќе се зајакнат капацитетите на клучните национални институции за следење, известување и верификација на климатски акции и подобрување на транспарентноста, според побарувањата на Договорот од Париз.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG