СКОПЈЕ - Поранешниот министер за здравство, Венко Филипче, денеска сведочеше пред собраниската Анкетна комисија која треба да утврди дали има политичка одговорност во скандалот на Клиниката за онкологија. Тој, како и неговиот наследник Беким Сали, кажа дека не знаел за постоењето на КАТО системот на Клиниката и дека не бил во функција, ниту пак за кражбата на терапија од медицинска сестра. Одговарајќи на прашања на пратениците тој кажа дека во неговиот мандат е воведен ред при набавката на лекови и е спречен паралелениот увоз како и дека не оправдува што на Клиниката за онкологија се набавувале лекови на реверс но според него имало причина.
„Ако сум дал предлог да се воведе КАТО системот тогаш ќе сум го имплементирал заради тоа што сум бил министер после тоа. Јас апсолутно не сум бил запознаен со ништо на Клиниката до пред да станам министер“, рече поранешнитот министер Венко Филипче.
Пред тој да биде именуван на функцијата имало паралелен систем за набавка на лекови и поради тоа не се знаело какви лекови се даваат, особено за пациентите со малигни болести и за дијабетичарите. Тој кажа дека оттогаш е воведен ред и во државата се увезуваат само лекови со сертификат.
Кога станува збор за набавките на реверс на скапите цитостатици на Онкологија, Филипче објасни дека тоа се прравело за да има терапија за сите пациенти иако не го одобрува тоа, но вината јалоцираше во лошиот систем.
„Реверсот е за пациентите да не останат без лек. Во јануари имате 100 пациенти со една дијагноза. Во март дошле 20 нови, а првите 100 мора цела година да го примаат лекот. Затоа е земан реверсот. Не го оправдувам тоа, ама нема што да прават. Ќе останеле пациентите без лек. Системот треба да се смени“, рече Филипче.
За екс директорот на Клиниката, Нино Васев, Филипче смета дека е професионалец.
„Доктор Васев мислам дека е одличен професионалец, секогаш спремен да помогне на секого, и во услови на гужва и кога има многу пациенти. Ако постои сомнеж за неговата работа, тоа треба да се истражи“, рече Филипче.
Филипче кажа и дека од медиумите слушнал дека скапите цитостатици се пишувале и на име на починати пациенти но додаде дека има извесна доза на сомнеж дека такво нешто може да го избегне филтерот на сите надлежни институции.