Во време кога македонскиот јазик и држава се соочуваат со негација, од страна на некои од соседите, бројот на лекторати по македонски на странските универзитети е се помал. Од некогашните 25, колку што биле во време на поранешна Југославија, сега се само 11.
Министерката за образование, Весна Јаневска вели дека во програмата на Владата е предвидено одржување на постојните но и отварање на нови лекторати и курсеви по македонски јазик.
„Ако сите заедно, посебно држаните институции и академските установи, посветат заслужено внимание, како мали македонски културни центри во светските метрополи, ќе добиеме многу како држава. За сите нас е трогателно кога слушаме млади луѓе од странски земји кои многу внимателно се трудат да зборуваат на македонски, пеат македонски песни и знаат да одиграат македонско оро. Ако ги оставиме на стихијата овие примери ќе бидат сè поретки“, вели Весна Јаневска, министерка за образование.
Секогаш Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ беше незадоволен дека не добива средства и гледаше да заштеди пред сè на лекторитеЉудмил Спасов, универзитетски професор
Универзитетскиот професор по македонски јазик, Људмил Спасов, вели дека состојбата со лекторатите е загрижувачка.
„Субјективните причини се дека се работеше за средства. Секогаш Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ беше незадоволен дека не добива средства и гледаше да заштеди пред сè на лекторите и тие почнаа да се откажуваат. Полека да се намалува бројот на лекторатите“, вели Спасов.
Во соседните земји, како Хрватска, која има 40 лекторати, вели Спасов, државно тело заедно со министерството за надворешни работи се грижи за отварање на лекторати. Така вели треба да се работи и кај нас.
„Тоа не значи дека се одзема автономијата на универзитот УКИМ, туку постои државно тело, кое директно координира со другите државни тела во другите држави и на тој начин, како културна размена се отвараат лекторати. Не е во ред да немаме лекторати во Австралија, каде имаме голема македонска дијаспора. Да не зборам за Германија и други држави во Европа“, посочува Спасов.
Токму лекторатите се најдобар начин за промоција на земјата, нејзиниот јазик и култура.
„Ја промовирам македонската литература и имам преведено 300 македонски писатели. За мене јазикот не само што постои, јазикот се развива и јас него го промовирам, популаризам и придонесувам за негова популаризација“, вели Панкина.
„Многу ги сакам македонскиот јазик, македонската литература и преведувам македонски автори на бугарски, руски и полски јазик. Вие сметате дека постои разлика меѓу македонскиот и бугарскиот јазик? Тоа се два различни јазици“, вели Наталија Неделкова, македонист од Бугарија.
Најстари лекторати по македонски јазик се оние во Париз и Букурешт, а бројот на студенти кои го изучуваат македонскиот јазик на странските универзитети е повеќе од 200.