Линкови за пристапност

До каде е истрагата за несреќата во која загина Никола Младенов?

  • Соња Трајковска

Ни по три дена, ниту една од надлежните институции не излезе со официјална информација за наодите.

Ни по три дена од загинувањето на новинарот, основач и сопственик на весниците Фокус, Никола Младенов, ниту една од надлежните институции не излезе со официјална информација за наодите од досегашната истрага, која се води во исклучителна тајност.

Од Министерството за внатрешни работи велат дека прво треба да биде завршено вештачењето на автомобилот, што ќе биде испратено до истражен судија, кој пак ќе излезе со официјална информација само откако ќе се комплетираат сите докази. Единствена информација објавена од МВР е онаа во редовниот дневен билтен, дека „на 27 март на автопатот Велес - Скопје на клучката Хиподром се случила сообраќајна несреќа во која возило Мерцедес управувано од Никола М. од Скопје удрило во метална ограда, а потоа излетало од патот и се превртело. Во несреќата тешко телесно бил повреден Никола М. кој починал на самото место“.

Подоцна, обдукцијата покажа дека причина за смртта е обилно внатрешно крварење, како последица на ударот на воланот во градите на Младенов, а неофицијално, смртта кај него настапила најмалку 12 часа пред тој да биде пронајден во уништеното возило. Од местото се земени многу траги, и се вештачи се`, од облека и се` друго пронајдено во автомобилот, велат од МВР. Истрагата е долга бидејќи ова бил обемен предмет и дека секојдневно се откриваат нови работи. Она што медиумите го дознаваат од свои извори е дека досега е утврдена брзината со која се движел мерцедесот во кобниот свиок, и прибижното време на ударот.

Токму молкот околу трагадијата предизвика голема конфузија во медиумите. Порталот Плусинфо во текот на денот излезе со информација дека возилото се движело со 150 километри на час, повикувајќи се на изјава од Судската медицина. Само неколку часа подоцна стаса и демант од директорот на оваа институција, Алексеј Дума. „Такво нешто ниту можеме ниту имаме надлежност да утврдиме, тоа не е во доменот на нашата работа“, вели тој во изјава за неделникот Република. Дума исто така демантира и дека утврдиле дека несреќата се случила во 22:30 часот на 26-ти март. Неделникот, пак, повикувајќи се на свои извори, објавува дека брзиномерот на автомобилот бил застанат на 140 километри на час, а во прилог на утврдувањето на времето на несреќата ќе се има предвид и часовникот кој бил застанат на одредено време.

Она што се уште се проверува е дали во времето на несреќата на патот имало и други возила, иако првично такви траги не се пронајдени. Автомобилот, наводно, прво удрил во бетонската ограда на левата страна од патот, а потоа свртел десно и преку металната банкина излетал во провалијата каде се превртел.

Младенов беше пронајден дури другиот ден, 12 часа по несреќата, откако неговата сопругат пријавила дека тој не се вратил дома изминатата ноќ, ниту пак одговарал на телефонските повици. Бил лоциран токму преку сигналот на мобилниот телефон.

Младенов беше погребан вчера на градските гробишта Бутел во Скопје, во присуство на семејството, пријателите и колегите. Претходно, на комеморација во МКЦ, и фелата се прости од човекот кој целиот живот му го посвети на новинарството, како неуморен борец во потрагата по вистината.
XS
SM
MD
LG