Линкови за пристапност

Ники Хејли: На Русија не може да и` се верува


Номинацијата на новоизбраниот претседател Доналд Трамп за амбасадорка во Обединетите нации на распит во Сенатот

Во еден од денешните неколку сенатски распити, Ники Хејли, номинирана од новоизбраниот претседател Доналд Трамп за функцијата амбасадорка во ОН, кажа дека САД не можат да и` веруваат на Русија.

„Мислам дека не можеме да им веруваме“, рече гувернерката на Јужна Каролина пред Комисијата за надворешни работи, но остави можност за соработка со Русија по прашања од заеднички интерес: „Ни треба нивната помош за справување со Исламската држава и со некои други закани со кои сите се соочуваме.“

Искажаната недоверба на Хејли кон Русија е во спротивност со позициите на Трамп, кој на неколку наврати го пофали рускиот претседател Владимир Путин за време на претседателската кампања и потоа.

Позицијата на Хејли за создавање на национален регистер за муслимани кои живеат во САД исто така се разликува од онаа на новоизбраниот претседател.

„Не мислам дека треба да има регистер заснован на религија“, додаде таа.

Изборот на Трамп за раководител на Одделот за трговија, милијардерот Вилбур Рос кажа дека земјите кои спроведуваат нефер пракси, треба да бидат „ригорозно казнети.“

Зборувајќи пред Комисијата за трговија, Рос ја нарече Кина „најголема протекционистичка“ земја во светот. Тој воедно кажа дека Кина зборува за фер трговија, но во пракса не ја спроведува реториката за која се залага.

Рос пред сенаторите истакна и дека тој не` е против трговијата, но претпочита „чувствителна“ трговија од која корист ќе имаат американските работници и компании.

Ако биде потврден од Сенатот, се очекува Рос да има поголема улога од вообичаената во обликувањето на американските трговски односи. Тој кажа дека ревизијата на трговската политика со Канада и Мексико ќе биде тема која брзо ќе се најде на маса.

XS
SM
MD
LG