Гувернерката на Јужна Каролина, Ники Хејли се очекува да биде назначена од новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп за амбасадорка на САД во Обединетите нации.
Четириесет и четиригодишната гувернерка е ќерка на индиски имигранти и го служи својот втор мандат како гувернерка, но нема искуство во меѓународната политика. Таа е првата кандидатка за администрацијата што не е бел маж и има малцинско потекло.
Хејли првично го поддржуваше сенаторот од Флорида, Марко Рубио, за иден претседател на САД, а кога тој отпадна од трката, таа застана зад сенаторот од Тексас, Тед Круз.
Непосредно пред изборите на 8-ми ноември, Хејли кажа дека ќе гласа за Трамп.
Таа го критикуваше предлогот за забрана за влез на муслимани во САД.
Трамп ја нарече „слаба по имигрантските прашања“ и испрати порака на Твитер во март дека „народот во Јужна Каролина се срами од Ники Хејли.“
Тоа изгледа веќе е заборавено и двајцата се сретнаа во Њујорк, по што излезе и нејзиното место за високата позиција.
Досега се знае дека Рејнс Прибус ќе биде шеф на кабинетот на Трамп, а Стив Бенон ќе биде главен стратег. Сенаторот од Алабама Џеф Сешнс, ќе биде главен обвинител, а конгресменот Мајк Помпео, директор на ЦИА.
Меѓу другите кои се свртеа кон Трамп откако изразија други гледишта, е и спикерот на Претставничкиот дом, Пол Рајан.
Вчера на средбата со новинарите и уредниците на Њујорк тајмс, Трамп рекол дека партиските лидери го „обожуваат.“
„Сега Пол Рајан е со мене, Мич Меконел е со мене...неверојатно е како победата може да ги промени нештата“, рекол идниот претседател.
Трамп најави дека наскоро ќе ги пополни и преостанатите функции во неговата администрација. Меѓу имињата кои се вртат е и поранешниот републикански кандидат за претседател на изборите во 2012-та, Мит Ромни, кој се споменува на позицијата државен секретар.
Трамп кажа дека сериозно размислува да го назначи пензионираниот генерал, Џејмс Матис за секретар за одбрана.
Последните претседатели ги именуваа лицата кои ќе бидат назначени на највисоките позиции, државен секретар, одбрана, финансии и главен обвинител до декември. Обама по изборите во 2008-та тоа го стори на 1-ви декември, Џорџ Буш и Бил Клинтон чекаа до последната недела во декември.
Инаугурацијата на Трамп е закажана за 20-ти јануари.