Линкови за пристапност

Грабнати уште осум девојчиња во Нигерија


Водачот на Боко Харам, Абукакер Шекау, на снимката испратена до АП.
Водачот на Боко Харам, Абукакер Шекау, на снимката испратена до АП.

Во исто време кога САД и Британија понудија помош против исламистичката милитантна група Боко Харам.

Жителите на селото Вараби во северниот дел на Нигерија велат дека вооружени лица, за кои се претпоставува дека се припадници на исламистичката милитантна група Боко Харам, неделата го нападнале селото и грабнале уште осум девојчиња.

Ваквата вест уследи откако Боко Харам презеде одговорност за грабнувањето на преку 300 девојчиња на школска возраст кон средината на април од местото Чибок во нигериската држава Борно. Дел од девојчињата успеаја да побегнат, но на 276 се` уште не им се знае трагата. На видео-снимка објавена понеделникот, водачот на Боко Харам, Абукакер Шекау, кажа дека тој ги грабнал девојчињата и дека планира да ги продаде.

Канцеларијата на високиот комесар за човекови права на Обединетите нации денес ги предупреди исламистичките милитанти дека би можеле да бидат обвинети за злосторство против човештвото доколку ја остварат заканата дека ќе ги продадат девојчињата. Исто така денеска, британската влада соопшти дека понудила конкретна помош на Нигерија за да ги најде девојчињата.

Вчера, САД соопштија дека даваат контратерористичка помош на нигериската влада. „Нашата контратерористичка помош за Нигерија се фокусира на споделување на информации, на подобрување на нигериските капацитети на судско вештачење и вршење на истрага. Таа, исто така, ја подвлекува важноста на заштита на цивилите и заштитата и почитувањето на човековите права“, рече портпаролот на Белата куќа Џеј Карни.
XS
SM
MD
LG