Линкови за пристапност

Невладини организации обучуваат невработени жени од етничките малцинства


Преку совети и обука - до работа: фотографија од сесијата во организација на „Женска акција“
Преку совети и обука - до работа: фотографија од сесијата во организација на „Женска акција“

Полесно вклучување на пазарот на трудот со помош на европските фондови и на холандската фонадација СИИД.

Во сенка на локалните избори, во Скопје на 25-ти март започнаа обуките во Работниот клуб на жени, како дел од проектот “Работен клуб за невработени жени од етничките малцинства - обука, посредување (медијација), самовработување“. Проектот започна во ноември 2012-та и ќе трае до февруари 2014-та, а се спроведува во рамките на оперативната програма за развој на човечките ресурси (2007-2013), “Подобрување на потенцијалите за вработување на жените од етничките малцинства на пазарот на трудот”.

Финансиската поддршка доаѓа од ИПА фондовите на ЕУ – Kомпонента IV, од холандската фондација СИИД, која го спроведува и управува со него, а и ја обезбедува методологијата за Работниот клуб на жени, од Владата на Македонија. Преку учество на партнерите-учесници од НВО-секторот, целта е да се
поттикнат и охрабрат 300 жени од малцинските етнички заедници во Македонија да се вклучат на пазарот на трудот. Тие ќе минат низ обука како да бараат/најдат работа сами или со посредување, а преку курсеви за стручно и професионално оспособување. Учесничките на обуките можат да станат шивачки, фризерки, козметичарки, готвачки, продавачки на мешовита стока, или да стекнат дипломи за завршени почетни курсеви по англиски јазик, компјутери и сметководство.

Проектот во Македонија го спроведуваат пет невладини организации: „Женска акција“ (Албанки) и „Дендо вас“ (Ромки) од Скопје, „Дром“ од Куманово (Ромки), „Порта“ од Струмица (Турчинки), „Женски Центар“ од Дебар (Албанки), а национален координатор е „Junior Achievement Macedonia“ - Економско образование на млади менаџери од Скопје, која ќе ја спроведува обуката за самовработување.

Скопската Асоцијација за унапредување на статусот на жената во современите општествени процеси во Македонија - „Женска акција“, како една од партнерските НВО-и, ќе работи со невработени жени од албанската етничка заедница, а на уште пет локации ќе се работи и со невработени Турчинки - во Струмица, и невработени Ромки - во Скопје и Куманово. Обуката на првата група жени што започна на 25-ти март во Скопје ќе трае до 5-ти април.

Целна група на работниот клуб на „Женска акција“ во Скопје се 60 жени од албанската заедница со средно и основно образование, на возраст од 18-40 години, кои се невработени и евидентирани во Агенцијата за вработување. Тие ќе ја минат основната обука во траење од десет работни дена, под раководство на инструктори со сертификат.

Наташа Смоковска, инструктор на обуките за наоѓање работа, за Гласот на Америка на македонски јазик вели: „Нашата организација „Женска акција“ работи со жени, етнички Албанки, на возраст од 18 – 40 години, на територијата на Скопје. Во рамките на проектот предвидени се двонеделни обуки за три групи од по 20 жени. Веќе се отпочнати првите обуки на кои им измина првата работна недела, и истите ќе траат до 5-ти април. Следните две групи се планира да посетуваат обуки во средината на мај и септември... Обуките се одржуваат од 13 до 17 часот, според претходно подготвена програма која вклучува неколку сесии - предавања, вежби, пауза за ручек и работна кафе-пауза. Обуките се бесплатни, а за учесниците е обезбеден бесплатен превоз, материјали за обуките, како и ручек. Станува збор за целна група со разлики во културолошките норми и вредности, и имавме потешкотии тие да се убедат да бидат дел од обуките. Но, откако остварувавме контакти и по неколку пати, и откако тие ќе сфатеа дека станува збор за сериозен проект кој поголем дел е финансиран од Европската унија, а дел и од Владата на Република Македонија, како и дека придобивките од самиот проект се однесуваат токму на нив, наоѓавме на одобрување од нивна страна и остварувавме соработка...

Во првата група имаме жени од скопските населби Бутел, Синѓелиќ, Арачиново, Чаир, Гази Баба, на возраст меѓу 22 и 40 години. Тоа се жени од кои повеќето се со статус на пазарот на трудот – невработени, и тоа повеќе од една година. Најголем дел од нив со завршено основно образование, иако имаме и учеснички со завршен факултет“.

Во втората фаза, 30 жени ќе бидат испратат на едномесечна пробна работа во фирми кои нудат работа соодветна на нивните професионални способности, за што ќе добиваат симболична компензација. 20 учеснички, кои ќе посетуваат бесплатни курсеви за стручно и професионално оспособување, ќе добијат дипломи што ќе им помогнат при идното вработување, а 10 жени избрани од инструкторот, според нивната мотивација и афинитети, ќе продолжат со дополнителна обука за самовработување и отворање на сопствен бизнис.

„Кога станува збор за интересот - зошто сакаат да бидат дел од овие обуки, нивните одговори упатуваат на желбата за стекнување на нови знаења и вештини, но исто така, и за стручно доусовршување и отпочнување на сопствен бизнис. Поголем број од учесничките се заинтересирани за посетување на курсевите за шивачки, фризерки, за изучување на странски јазик и за сметководство. Преку една вежба која беше дел од обуките, дојдов до заклучок дека речиси сите сакаат да имаат свои, сопствени фирми што значи дека пројавуваат интерес за отпочнување сопствен бизнис...

Иако станува збор за целна група со различна возраст, јас сум позитивно изненадена од нивната интерактивност, од активното учество во извршување на вежбите, од желбата за комуникација и за учење нешто ново. Од друга страна, имам позитивен фидбек и за начинот на организацијата на предавањата и за можноста и вниманието кое им го давам на жените - да се искажат, покажат и да си се докажат себеси... Времето кое го поминуваме заедно на обуките е време во кое учиме, другаруваме, разменуваме искуства и знаења, се релаксираме“, вели Смоковска.
XS
SM
MD
LG