Линкови за пристапност

И ЕУ и САД имаат одговорност за мирот, стабилноста и демократизацијата на Македонија


Граѓански организации во писмо апелираат политичката криза да не се набљудува како спор меѓу две партии, туку како борба на граѓаните против автократската влада

“Поводот за нашето обраќање, покрај потребата уште еднаш да потсетиме на „црвените линии“ до кои може да се оди во преговорите, е изјавата на еврокомесарот Јоханес Хан, дадена во САД, во која тој, последните парламентарни избори одржани во 2014-та година, ги оквалификува како генерално позитивни притоа, наведувајќи дека извештаите на ОБСЕ/ОДИХР констатираат генерално демократска атмосфера. Поттикнати од ваквата изјава, сакаме да потсетиме дека ефикасно спроведени избори, воедно, не значат и фер и демократски избори“, стои во писмото коешто до меѓународната заедница го испрати 61 здружение на граѓани наспроти утрешните преговори меѓу лидерите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Никола Груевски и Зоран Заев.

Граѓанските активисти потенцираат: „Да не заборавиме дека ОБСЕ/ОДИХР, во извештајот на кој се повикува комесарот Хан, се осврнуваат на низа недоследности и незаконитости во изборниот процес, почнувајќи од селективниот пристап на медиумите во информирањето, прогонот на неистомислениците, неподеленоста меѓу државата и партијата, како и констатацијата дека за време на изборите можеше да се почувствува структурно насилство кое пред сѐ, се однесува на државната администрација. Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, во тоа време, не можеше да знае за содржината на разговорите во кои најтранспатентно се откриени методите на вршење изборно насилство и измами. Впрочем, невладините организации кои ги следеа изборите констатираа купување изборни гласови, агитација и притисоци врз вработените во државната администрација, некредибилност на избирачкиот список, како и неконтролирано издавање лични документи и низа други неправилности“.

Здруженијата и организациите сметаат дека изјавата на еврокомесарот Хан е „крајно непринципиелна и во најмала рака, неиздржана, особено ако се има предвид дека и самиот Хан, во истата изјава, наведува дека во разговорите објавени од опозицијата постојат содржини кои јасно укажуваат на кривични дела кои треба да се истражуваат“. Тие се прашуваат кој е мотивот на еврокомесарот позитивно да ги оцени изборите, зашто според нив, „Владата на Никола Груевски има докажана практика на фалсификување избори со што сосема ја делигитимира волјата на граѓаните“.

Активистите сметаат дека со прислушуваните разговори, обелоденети од опозицијата, „се открива дека партиите на власт воопшто не се воздржуваат од злоупотреба на институционалните механизми и на моќта која ја имаат од позиција на власт за да ги заплашуваат и уценуваат граѓаните, да се пресметуваат со неистомислениците или да ја дисциплинираат својата партиска војска...Токму затоа, Груевски мора да поднесе оставка како чин на политичка одговорност за се што до сега има направено“.

Активистите и` порачуваат на ЕУ дека таа има „посебна одговорност во спроведувањето на европските вредности, како што се демократијата, владеењето на правото и заштита на човековите права, во Македонија. ЕУ и САД, исто така, имаат одговорност за мирот, стабилноста и демократизацијата на нашата држава, како гаранти на Охридскиот рамковен договор од 2001 година. Ваквата одговорност подразбира помош за државата во суштинското решавање на политичката криза и искоренувањето на диктаторските практики на актуелната власт. Токму затоа, оваа политичка криза не смее да се набљудува како спор меѓу две партии, туку, како борба на граѓаните против автократската влада“.

XS
SM
MD
LG