Линкови за пристапност

Незири: „Протести од ДУИ се очекувани, но, не и дестабилизација“


Експертите се категорични дека дестабилизација нема да дозволат ЕУ и НАТО. Очекуваат ДУИ да почне да се однесува како вистинска опозиција. Според аналитичарот Џелал Незири, обвинувањата на премиерот Мицкоски треба да се сфатат сериозно. Коалицијата „ВРЕДИ“ нема информации за можна дестабилизација.

СКОПЈЕ – Протести наесен организирани од ДУИ се можни и очекувани но, не и дестабилизација на државата сметаат аналитичарите. Прашање на време е кога ДУИ ќе почне да се однесува како вистинска опозиција и да ги користи сите демократски методи на располагање а странскиот фактор односно НАТО и ЕУ нема да дозволат да се наруши мирот во државата а со тоа и во регионот, вели аналитичарот Џелал незири.

Според Незири, изјава дадена од премиер секогаш носи тежина, препукувањата меѓу ВМРО ДПМНЕ и ДУИ од предизборието продолжија и по изборите, а протести додека се во рамките се на демократското делува се легитимни. Тој очекува „жешка“ политичка есен

„Се додека изјавите доаѓаат до премиер добро е да се дебатира и да се анализира. Сепак не се исклучува можноста неговата изјава да е дел од партиска тактика или стратегија. Целиот тој антагонизам меѓу ВМРО – ДПМНЕ и ДУИ изгледа дека ќе продолжи од септември. Дали таа бидат ќе прерасне во конфликт не верувам. Не верувам бидејќи државата е членка на НАТО. Имаме поинаков геополитички контекст по агресијата на Русија врз Украина. Тој контекст ги алармира странските центри на моќ и при најмали инциденти во регионот кои Русија може да ги искористи. Мислам дека се мали шансите некој нов конфликт да се случи од септември а протести од страна на ДУИ мислам дека ќе биде новата стратегија на партијата на Ахмети да делува поагресивно кон Владата“, изјави Незири.

Џелал Незири, аналитичар
Џелал Незири, аналитичар

Ако пред еден месец ДУИ гласаше за законските измени кои овозможија формирање на нови ресори и исполнување на едно од ветувањата на ВМРО – ДПМНЕ кое тогаш ги оцени како конструктивна опозиција сега се оценети како фактор за дестабилизација а причината лежи во нетранспарентиот договор меѓу двете партии.

„Што беше интересот на ДУИ да гласа за тој закон се уште останува енигма. Од тогаш досега што се случи што односите меѓу ВМРО – ДПМНЕ и ДУИ повторно се влошија е сегмент кој треба да се анализира бидејќи нема информации кои би не насочиле кон вистински одговор освен отворениот судир за балансерот“, вели Незири.

Премиерот Мицкоски вчера децидно кажа дека располага со информации, без да ги наведе изворите дека ДУИ подготвува дестабилизација.

„Оние информации со кои располагаме добиени по повеќе канали се дека ова раководство на ДУИ во обид да го заштити капиталот кој го создаваше изминативе 22 години ќе преземе чекори во насока на дестабилизирање на државата. Ние како Влада имаме полно право да го браниме територијалниот суверенитет и интегритет и мирот на граѓаните. Очекуваме тоа да се случи оваа есен врз основа на информациите кои ги имаме. Да почекаме времето да даде одговор“, рече премиерот Мицкоски.

Од ДУИ излегоа со став дека се гарант за мирот, стабилноста, благосостојбата и европската иднина на Македонија и дека нема да коментираат политички спинови. Најавија дека ќе сторат се во рамките на демократските мерки за да го спречат понижувањето на Албанците и побараа меѓународни експерти да спроведат ветинг на сите носители на јавни функции и приватизацијата.

„Сакаме да појасниме дека имаме мандат и одговорност од албанските гласачи за заштита на легитимитетот, политичката волја и достоинството на гласот и Албанскиот народ во Северна Македонија. Ќе ги преземеме сите демократски мерки и средства за да го спречиме понижувањето и мајоризацијата на Албанците преку наметнување на вазали. Уште еднаш ги повикуваме политичките партии на проверка на сите носители на јавни функции со меѓународна помош“, стои во официјалното соопштение од Мала Речица.

Претседателот на најголемата опозициска партија СДСМ, Венко Филипче, вчера побара од Мицкоски доколку има информации за можна дестабилизација да ги достави до надлежните институции.

„Доколку Мицкоски поседува било какви информации за можна дестабилизација или нарушување на мирот во земјата, истите мора итно да ги сподели со надлежните институции. Во спротивно, тој станува соучесник или политички фактор кој можеби од таквата состојба има интерес. Информациите за дестабилизација кои два дена по ред ги пласира премиерот предизвикуваат немир кај граѓаните, а негова лична одговорност е да превенира таква состојба. Доколку тој сам не ги сподели информациите, ги повикувам истражните органи да поведат постапка и ги истражат овие наводи“, напиша Филипче на официјалната страна на социјалната мрежа „Фејсбук“

Денес од партијата побараа обвинителството да го повика Мицкоски на распит.

„Доколку Мицкоски вистина поседува информации должен е итно да ги информира институциите и прашање е зошто тоа не го прави. Бараме итно да се произнесе прецизно по ова тврдење, Бараме претседателката Силјановска Давкова да го свика Советот за безбедност доколку е конституиран и бараме Обвинителството да покрене истрага и да го повика премиерот Мицкоски на сослушување“, изјави Богданка Кузеска, портпарол на СДСМ.

Владините партнери, коалицијата „ВРЕДИ“ денес соопштија дена не располагаат со информациите со кои располага премиерот Мицкоски за план за можна дестабилизација на државата и затоа се воздржаа од коментар.

XS
SM
MD
LG