Хуманитарната агенција за правата на децата при Обединетите нации (УНИЦЕФ) предупредува дека 77 милиони бебиња, кои се лишени од мајчиното млеко во првите клучни часови по раѓањето, се под ризик да починат за еден месец.
По повод Светската недела на доење, од први до седми август, УНИЦЕФ и Светската здравствена организација (СЗО) апелираат новороденчињата да се дојат шест месеци откако ќе се родат.
УНИЦЕФ исто така нагласува дека бебињата треба да се дојат во првиот час откако ќе се родат, бидејќи на тој начин ги добивале основните хранливи состојки, имунитет и контакт со мајката, што ги штити од болести и од смрт.
Агенцијата забележува дека колку повеќе доењето се одложува, толку повеќе се зголемува ризикот од смрт во првиот месец од раѓањето.
Предупредува дека ризикот се зголемува дури за 80 проценти, ако доењето се одложува 24 часа или повеќе по раѓањето.
Од една старна, забележува дека повеќе од 800.000 животи би биле спасени ако сите бебиња се хранеле единствено со мајчино млеко, од моментот кога ќе се родат до шестиот месеци.
Фадела Шаиб, портпарол на Светската здравствена организација, вели дека мајките не добиваат поддршка и охрабрување, кои им требаат да ги дојат нивните бебиња.
„Слоганот оваа година е дојте секаде и во секое време, бидејќи улогата на општеството е да им го овозможи ова на мајките што сакаат да дојат. Кусо кажано, ова е голем проблем. Ние отсекогаш сме укажувале на подолго доење, оти сме убедени во користа од доењето. Навистина е идеална храна за новороденчиња“, вели Шаиб.
Таа објаснува дека доењето ги штити децата од многу болести. Исто така, вели таа, овие деца биле подобри на тестовите за интелегенција, помалку е веројатно дека ќе имаат преголема тежина, и се со помалку предиспозиции за дијабетес подоцна во животот.
Шаиб смета дека несоодветен маркетинг за вештачко млеко, продолжува да ги поткопува напорите на мајките да ги дојат нивните бебиња.
„ Ние не сме против производство на такво млеко. Ние сме против тоа што тоа се промовира дека има иста вредност како мајчиното млеко. Тоа е лага. Не е исто“, вели Шаиб.
Напредок во тоа да се дојат што повеќе новороденчиња во првиот час во животот е бавен во последните 15-тина години.