Властите во Крајсчрч, Нов Зеланд започнаа да ги предаваат телата на 50-те загинати во нападот кој бел супремацист го изврши во две џамии во петокот.
Полицијата соопшти дека е завршена аутопсијата на сите жртви, но само 12 се формално идентификувани. Шест од нив се веќе предадени на нивните семејства.
Од полицијата велат дека додека процесот на идентификација „може да изгледа едноставно, во реалноста е многу посложен, особено во ситуација како оваа“. Имињата на жртвите се уште не се јавно објавени, иако за прелиминарните листи се известени нивните семејства.
Долгото чекање е стресно за семејствата на жртвите кои сакаат да ги погребат своите најмили. Исламската традиција налага телата да бидат измиени и закопани колку што е можно побрзо, во идеален случај во рок од 24 часа по смртта.
Околу 60 волонтери, дел од нив од Австралија, помагаат во ритуалното миење на телата на жртвите пред да бидат закопани.
Ве повикувам: изговарајте ги имињата на тие кои ги загубивме, а не на човекот кој ги одзеде нивните животиЏесинда Ардерн, премиерка на Нов Зеланд
Премиерката на Нов Зеланд Џесинда Ардерн ги повика законодавците да ѝ се придружат во тоа што никогаш нема да го споменат името на извршителот на масакрот.
За време на емотивното обраќање пред Парламентот, Ардерн рече дека осомничениот напаѓач „е терорист, криминалец, екстремист, но кога ќе зборувам ќе биде безимен“.
„Ве повикувам: изговарајте ги имињата на тие кои ги загубивме, а не на човекот кој ги одзеде нивните животи“, рече Ардерн.
Властите за ужасниот напад го обвинија 28 годишниот Австралијанец Брентон Харис Тарант. Единствено тој е обвинет за извршените убиства.
Тарант досега не се изјаснил дали чувствува вина. Медиумите пренесоа дека тој одбил да му биде доделен адвокат и се изјаснил дека сам ќе се застапува во судскиот процес. Следното судско рочиште е на 5-ти април.
Премиерката рече и дека нејзината влада ќе започне истрага за тоа дали агенциите за спроведување на законот и разузнавачките служби во земјата пропуштиле какви било знаци за Тарант и неговите намери. Таа, исто така, рече дека е разочарана што американскиот социјален медиумски гигант „Фејсбук“ дозволи Тарант да го емитува нападот во живо, како и фактот дека снимките сè уште беа присутни на интернет четири дена подоцна.
Фејсбук соопшти дека 1,5 милиони верзии од видеото од масакрот биле отстранети за време на првите 24 часа од нападот.
Ардерн рече дека таа била една од 30 примачи на бел националистички манифест на 74 страници кој Тарант ѝ го испратил по електронска пошта девет минути пред нападот. Во манифестот тој ги осудил муслиманите, а имигрантите ги нарекол „напаѓачи“.
Триесет луѓе и натаму се хоспитализирани во болницата во Крајсчрч. Четири годишно дете кое е во критична состојба беше пренесено во болницата во Окланд за натамошен медицински третман.
Facebook Forum