Линкови за пристапност

Сообраќајот во Њујорк почна да функционира


Во сила е наредба за вонредна состојба - јавниот превоз е бесплатен.

Системот на подземната железница во Њујорк е делумно обновен по поплавите од Сенди, смртоносното „суперневреме“ што го опустоши источниот брег на САД.

Властите најавија дека ќе бидат пуштени во употреба 14 од 23-те градски линии на подземната железница. Гувернерот на Њујорк Ендру Куомо објави вонредна состојба, што, меѓу другото, значи и бесплатен превоз со Метрото и надземниот железнички и автобуски систем.

На аеродромот Лагвардија се одвива ограничен сообраќај поради штетите од поплавата. Другите два поголеми аеродроми, Џон Ф. Кенеди и Њуарк, продолжија со ограничено работење уште во средата.

Најмалку пет милиони луѓе во североисточниот дел на САД, од кои најголем дел во метрополата Њујорк, се` уште се без електрична енергија.

Неколку стотици пациенти во Њујоршката болница Белви средата биле евакуирани заради нестабилниот дотек на струја во објектот. Медицинскиот центар Лангон на Универзитетот во Њујорк исто така ги евакуираше пациентите кога откажале резервните генератори.

Беа активирани силите на Националната гарда за да спасат илјадници жители на Хобокен, во Њу Џерси, заробени во токсичните води во градот лоциран на Реката Хадсон.

Сенди уби над 60 лица во Северна Америка и уште 65 на Карибите минатата недела, пред да пристигне во САД.
XS
SM
MD
LG