Линкови за пристапност

Њујорк ќе почне со отворање на дел од бизнисите в петок


Рестораните нема да бидат отворени до третата фаза, додека бизнисите за забава и рекреација, како и училиштата, ќе бидат отворени во последната фаза

Гувернерот на Њујорк Ендрју Куомо, денес рече дека ќе преземе нов чекор во справување со пандемијата, отворајќи некои несуштински бизниси в петок.

„Ова е возбудлива нова фаза. Сите сме нетрпеливи да се вратиме на работа“, изјави Куомо, додавајќи дека сака ова да го направи на паметен начин.

По осум недели строги рестрикции, бројот на нови заразени и хоспитализирани лица во Њујорк, сега е понизок од многу други сојузни држави, или во просек, помалку од 3.000 заразени на ден изминативе неколку денови.

Во средината на април, пак, бројот на заразени во оваа сојузна држава го достигна врвот, со по 10.000 лица заразени дневно.

Њујорк објави стратегија за придвижување напред, во која како главни критериуми се наведени одржување на ниска стапка на заразени, доволен капацитет на болниците за хоспитализирање пациенти, како и спроведување на масовно тестирање и следење на контактите на заразените.

„Почнуваме со бизнисите кои претставуваат помал ризик“, рече Куомо.

Бизнисите, исто така, ќе мора да воведат мерки за заштита на вработените, вклучувајќи реорганизирање на работните простории, неопходна опрема за лична заштита, како маски и ракавици, како и мерки за социјално дистанцирање.

Рестораните нема да бидат отворени до третата фаза, додека бизнисите за забава и рекреација, како и училиштата, ќе бидат отворени во последната фаза.

Секоја фаза ќе биде под строг мониторинг, и доколку дојде до појава на нов бран заразени, таа ќе биде прекината, а рестрикциите обновени, најави гувернерот.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG