Линкови за пристапност

Нов центар за ран третман на деца со аутизам, АДХД и Аспергеров синдром


Здружението „Во мојот свет“ утре во Охрид ќе отвори нов центар со регионален карактер, наменет за деца на возраст од 2 до 8 години

Со поддршка на Министерство на здравство што го отстапи просторот во рамките на Специјалната болница за ортопедија и трауматологија .„Св. Еразмо“ и на Општата болница во Охрид и Здружението на граѓани за третман на лица со аутизам, АДХД (Attention Deficit Hyperactivity Disorder) и Аспергеров синдром „Во мојот свет“, отвора два центра за рехабилитација, едукација и сензорна интеграција, наменети за ран третман на деца и на лица со аутизам, АДХД и Аспергеров синдром. Проектите на непрофитното, хуманитарно здружение, финансиски го помогнаа амбасадите на Чешка и на Бугарија во Скопје.

По минатомесечното отворање на центарот во болницата „Св. Еразмо“, финансиски потпомогнато од чешката амбасада и во присуство на чешкиот амбасадор во РСМ, со помош од бугарската амбасада, утре ќе биде отворен и центар со регионален карактер, наменет за деца на возраст од 2 до 8 години во охридската Општа болница. Покрај реконструкцијата и опремување на доделениот простор во Општата болница (200м2 од одделот за педијатрија), беше обезбедена и опрема од САД и Велика Британија, според светски стандарди. Предвидено е во новиот центар да се опфатат околу 120 деца од Охрид, Кичево, Струга, Дебар и Ресен, на рана возраст.

Неофицијално од 2.500 до 3.000 лица во Македонија се со аутизам, АДХД и Аспергеров синдром.


Здружението „Во мојот свет“ има богато портфолио на проектни активности од општествено корисен и хуманитарен карактер, а неговата основна мисија е помош и поддршка на лицата со аутистичен спектар на нарушување и на нивните семејства во поглед на терапиите, третманите, дијагностиката и инклузијата на лицата, така и во поглед на нивните права во сите сфери на општественото живеење. Активистите од здружението потенцираат дека, според нив, аутизмот не е болест, туку синдром (состојба) врз кој може да се влијае и преку третмани да се добијат позитивни резултати и подобрувања. Од здружението „Во мојот свет“ потенцираат дека се работи за „многу сериозна форма на развојно нарушување кое ја погодува најмладата популација (деца), која се манифестира со пречки во говорот, учењето, комуникацијата и однесувањето, со тешкотии во социјалните контакти и самостојноста во секојдневниот живот“.

По петгодишно залагање за подигање на свеста за аутизмот во македонското општество, здружението веќе три години раководи и со Центарот за сензорна терапија за деца со аутистичен спектар на нарушување во Скопје, како прв центар за мултисензорна терапија од ваков тип во државата, изграден и опремен со помош на бизнис-заедницата.

Владата на Република Бугарија преку амбасадата во Скопје, на здружението му додели опрема од двата најреномирани светски произведувачи на ваков тип опрема, а со финансиски средства од МНР на Бугарија, со третмани беа опфатени 30 деца со аутистичен спектар на нарушување од социјално ризични семејства.

Во постоечкиот центар во Скопје стручни лица (3 дефектолози, 2 логопеда и невропсихијатар) секојдневно работат на рехабилитација и едукација на 60-тина деца, кои доаѓаат на третман минимум два пати неделно., и ги подготвуваат за училиште и им олеснуваат во секојдневните активности и социјалниот живот, преку терапиите кои постигнуваат најдобри резултати: сензорна интеграција, АБА, музикотерапија, PECS, TEACCH, психо-моторна реедукација... Дефектолошкиот третман се однесува на когнитивни вештини, комуникација, крупна и фина моторика, социо-емоционален развој и самопомош, а логопедскиот третман на акустично внимание, физиолошки говор, говорно разбирање и вербална комуникација. Покрај работата со децата, клинички психолози во советувалиштето за родители работат и со нивните родители.

„Центрите се опремени со разновидни дидактички материјали, соодветни за потребите на децата, и со сензомоторна и мултисензорна соба. Во сензорната соба има меки ѕидни и подни душеци, перници, лулашки, топки со различна големина, тегчиња, справи за качување и симнување, тактилни подлоги, трамболина, тобогани, базен со топчиња кои помагаат за стимулирање на повеќе подрачја: тактилни, аудитивни и визуелни способности, а мултисензорната соба е наменета за децата да се чувствуваат сигурно и опуштено во своето опкружување и да ги поттикнува на интеракција со околината, преку разновидни бои, мириси, вибрациии, звукови, преку светлечки оптички влакна, масажери, светлосни пројектори на ѕидовите, ротациска диско топка, огледала со фолија кои ги појчуваат ефектите на останатата опрема… “, ни изјави Весна Стојановска од „Во мојот свет“. Според неа, „Во мојот свет“ во центарот во Скопје веќе соработува со психијатарот за деца и млади, примариус д-р Мери Бошковска, која ќе учествува и во работата на центрите во Охрид.

Неофицијално од 2.500 до 3.000 лица во Македонија се со аутизам, АДХД и Аспергеров синдром.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG