Линкови за пристапност

Невладините бараат претседателката да не го потпишува указот за Законот за урбанистичко планирање


Церемонија на инаугурација на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во Скопје на 12 мај, 2024 година
Церемонија на инаугурација на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во Скопје на 12 мај, 2024 година

Претседателката да не го потпишува указот за прогласување на Законот за урбанистичко планирање – побара денес граѓанскиот сектор од Гордана Сиљановска-Давкова.

Претставниците на неколку невладини организации, собрани спроти Парламентот, повикаа да се стопира законот кој пред два дена помина во Собранието.

Меѓу другото забележуваат дека ваков клучен документ е донесен набрзина и на нетранспарентен начин без процес на широка консултација.

„Основна и прва забелешка е во однос на 600 ДУП-ови чиј што рок на носење е изминат поради новиот закон во кој што стои член во кој се вели дека ако не се завршени во рок од четири години, мора да продолжи постапката по новиот закон, односно земање на параметрите од новиот закон. Сега ги враќаме во живот, значи ќе одат како што се веќе проектирани по стариот закон, а тука немате реална состојба, попис и многу елементи кои веќе се изменети низ годините, а кои мораат да се вклучат во самите урбанистички планови. Втора забелешка е за потврдата за урбанистичка усогласеност. Таа случајно не е ставена. Една двојна контрола за тоа дали урбанистички е усогласен одреден објект, односно одреден детален урбанистички план“, вели Татјана Стојановска од „О2 Иницијатива“.

Дарко Арсовски-Петровски од „ Го Грин“ вели:

„Со ова решение не се решава хаосот. Ако сега урнаистичкиот просотор е еден голем хаос, сега се прави дополнителен проблем. Затоа, ние на претседателката и даваме испит, како на децата во училиште, да не го потпише овој указ. Да не дозволи хаосот да стане поголем“.

Невладините против Законот за урбанистичко планирање
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:29 0:00

Граѓанскиот сектор повторува дека заради големи профити градовите во земјава сега се пренатрупани, без доволно зеленило и јавен простор, без минимален квалитет на живот за граѓаните. Затоа, се надевале дека новата влада ќе има поинаков пристап.

„Резултатот од ваквото постапување ние го знаеме, очекувавме нешто повеќе и подбрo, особено на почетокот на мандатот на новата влада која ќе покаже нов манир во начинот на управување зашто ако ги повториме истите грешки од минатото не може да очекуваме резулати поинакви од ова што сега го живееме“, Јане Димевски од „Шанса за Центар“.

Предлагачот, министерот за транспорт, Александар Николоски, бранејќи го решението тврди дека со измените ќе се деблокираат 600 детални урбанистички планови и истовремено ќе бидат олеснети процедурите за градба на објекти од јавен интерес – градинки, болници, училишта, катни гаражи. Невладините не мислат така.

„Министерот се` уште е уверен дека менува на добро. Пак ќе кажам, не можеш да подобруваш со враќање на стари закони, односно измена со која мислиш дека гасиш пожар, а всушност палиш нови зашто имаме 600 заглавени ДУП-ови, не е решение што сега брзо се носат, тие не се донесени зашто имаат некаков проблем“, рече Стојановска.

Засега, кабинетот на претседателката Сиљановска-Давкова молчи за барањето на граѓанските организации да не го потпишува указот за прогалсување на овој закон.

XS
SM
MD
LG