Граѓаните во сојузната држава Невада почнаа да гласаат на прелиминарните избори за демократска претседателска номиниација. Ова е трета сојузна држава која гласа за кандидат кој, на изборите во ноември, би влегол во трка против републиканскиот кандидат, претседателот на САД Доналд Трамп.
Ова е првпат да се дозволи да се гласа толку рано во Невада, поради што редици граѓани вчера чекаа и по 90 минути за да можат да го дадат гласот за нивниот фаворит меѓу демократските кандидати.
Гласањето ќе продолжи и во текот на утрешниот ден, а ќе заврши в сабота, за кога се закажани собранија, или таканаречени кокуси низ целата држава
Невада е прво место каде демократските кандидадти се соочуваат со етнички различен електорат.
Латиноамериканците и Афроамериканците сочинуваат голем дел од населението во Невада, за разлика од сојзуните држави Ајова и Њу Хемпшир, каде доминираат белци.
Предизборните анкети покажуваат дека сенаторот од Вермонт Берни Сандерс, кој го освои мнозинството во Ајова и Њу Хемпшир, би можел да победи и во Невада.
На првите две прелиминирани гласања, Сандерс беше во тесна трка со поранешниот градоначалник од Индијана Пит Бутиџеџ, но, политички истражувања покажуваат дека поранешниот потпретседател Џо Бајден, би можел да биде неговиот главен противник во Невада кој, пак, се обидува да се врати во игра откако заврши на четврто и петто место во Ајова и Њу Хемпшир.
Сенаторката од Минесота Ејми Клобучар и сенаторката од Масачусетс Елизабет Ворен, исто така, се обидуваат да добијат поддршка во оваа сојузна држава, пред изборите во Јужна Каролина на 29-ти февруари.
Во вторникот на трети март, пак, кога ќе се гласа во 14 сојузни држави, демократите ќе се соочат и со поранешниот градоначалник на Њујорк Мајк Блумберг.
По сопствен избор, Блумберг не учествува на изборите во првите четири сојузни држави, но, потроши речиси 400 милиони долари негови пари на телевизиски реклами и на луѓето кои работат на неговата кампања.
Иако расте неговата популарност на националните анкети, Трамп ја потцени неговата кандидатура.
Блумберг се соочува со големи критики за неговите политики за справување со криминалот во Њујорк, како и за поранешни сексистички и дискриминирачки коментари против жени вработени во неговата компанија.
Facebook Forum