Линкови за пристапност

Нетанјаху ќе преземе итни мерки за затворање на Ал Џезира, соопшти Ликуд


АРХИВА - Шефот на дописништвото на Ал Џезира во Газа, Ваел ал-Дахдух, работи на терен во Рафа во јужниот дел на Појасот Газа, 12 декември 2023 година, во услови на продолжување на битките меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас.
АРХИВА - Шефот на дописништвото на Ал Џезира во Газа, Ваел ал-Дахдух, работи на терен во Рафа во јужниот дел на Појасот Газа, 12 декември 2023 година, во услови на продолжување на битките меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас.

Израелскиот парламент усвои закон со кој ѝ дозволува на владата да ги затвори странските медиуми кои емитуваат сигнал во државата, а се сметаат за закана за државната безбедност, потег кој најверојатно ќе биде насочен кон катарскиот медиум Ал Џезира.

Гласањето доаѓа откако премиерот Бенјамин Нетанјаху претходно истиот ден најави дека ќе ги обнови напорите за затворање на информативниот канал во Израел.

По усвојувањето на мерката, Нетанјаху „ќе преземе итни мерки за затворање на Ал Џезира во согласност со процедурата утврдена во законот“, се вели во соопштението на партијата Ликуд.

Законот, кој беше усвоен со 70 гласа „за“, 10 „против“, им дава на премиерот и на министерот за комуникации овластување да ги затворат странските медиуми во Израел, доколку се верува дека претставуваат закана за безбедноста на Израел. Според законот, може да им биде забрането и емитувањето.

Од седиштето на Ал Џезира во Доха не одговорија до овој момент на барањето на Гласот на Америка за коментар.

Министерот за комуникации Шломо Кархи претходно ја нарече Ал Џезира како „пропаганден гласноговорник“ на милитантната група Хамас и го обвини катарскиот медиум дека ги изложува израелските војници на потенцијални напади од Газа.

Групите за слобода на медиумите ги осудија напорите на израелската влада да ја затвори Ал Џезира во Израел.

„Длабоко сме загрижени од заканите на израелските власти за цензурирање на медиумското покривање на тековниот конфликт меѓу Израел и Газа, користејќи нејасни обвинувања за нанесување штета на националниот морал“, рече Шериф Мансур, програмски координатор за Блискиот Исток и Северна Африка во Комитетот за заштита на новинарите, во изјава дадена во октомври 2023 година.

Дел од информациите се од Ројтерс и агенцијата Франс – прес

XS
SM
MD
LG