Линкови за пристапност

Сенатот изгласа обновување на неутралноста на интернетот


За демократите ова е важно партиско прашање и копјата ќе се вкрстат повторно во Претставничкиот дом

Сенатот на САД гласаше со 52 гласа „за“ и 47 „против“ за поништување на укинувањето на правилата за неутралност на интернетот од времето на Обама од 2017-та година. За мерката гласале сите демократи и тројца републиканци.

Сенатот ја одобри резолуцијата позната како Акт на конгресна ревизија, со која ќе се преиначи гласањето за дерегулирање на индустријата за широкопојасен интернет. Доколку овој документ помине и во Претставничкиот дом и претседателот го потпише, компаниите кои нудат интернет-услуги ќе треба да продолжат со следење на правилата со кои се забранува блокирање, потиснување и платена приоритизација.

Федералната комисија за комуникација, со која раководат републиканците, во декември гласаше за укинување на правилата кои бараат услугите на интернет провајдерите да даваат еднаков пристап на целиот интернет-сообраќај.

Демократите тврдеа дека укинувањето на правилата ќе им овозможи на интернет-провајдерите слобода за потиснување на одредени содржини или пак да промовираат веб-страници кои им плаќаат.

Републиканците тврдат дека и тие веруваат во неутралност на интернетот, но сакаат да го заштитат со прогресивна легислатива, наместо повторно да наметнат застарена регулаторна структура.

„Демократите одлучија да го земат прашањето за неутралноста на интернетот и да го направат партиско“, рече сенаторот Џон Тун од Јужна Дакота. „Наместо да работат со републиканците на трајно решение за неутралност на интернетот, тие сакаа да постигнат политички поени со партиска резолуција која нема да стори ништо за трајно обезбедување на неутралност на интернетот“.

Пред гласањето, сенаторот Ед Марки, демократ од Масачусетс, ги повика колегите да ги игнорираат „армиите на лобисти во Конгресот во име на големите интернет-провајдери“.

Лобистите се обидоа да ги убедат сенаторите дека правилата за неутралност на интернетот не се потребни „бидејќи интернет- провајдерите ќе се регулираат самите“ и дека блокирањето, укинувањето и приоритетите за наплата се само хипотетични штети, рече Марки.

Лоби-групите кои ги претставуваат сите главни кабелски компании, телекомуникациски организации и мобилни оператори, ги повикаа сенаторите да го отфрлат обидот за враќање на правилата за неутралност на интернетот.

Резолуцијата се` уште се соочува со пречки во Преставничкиот дом. Потребни се 218 гласови, а досега само 160 демократи ја подржуваат оваа мерка. Според законот, ќе биде потребен и потпис од претседателот Доналд Трамп, кој исто така ги критикуваше правилата за неутралност на интернетот.

Демократите признаваат дека најверојатно нема да се врати документот на Федералната комисија за комуникација, и на целата работа гледаат како на можност да го зголемат и бројот на нивни гласачи, што за нив е приоритет пред ноемвриските конгресни избори.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG