Американските власти соопштија дека нема индикации за поврзаност со тероризам на сообраќајна несреќа вчера на границата меѓу САД и Канада, во која загинаа две лица во возилото и ги принуди властите да затворат повеќе контролни пунктови поради прашањата за тоа што се случило.
Што точно го натерало автомобилот да се приближи до контролниот пункт со голема брзина пред да летне во воздух, да удри во земја и да се запали, остана нејасно рано денес.
„Претресот на местото на настанот не откри никакви експлозивни материјали и не е идентификувана поврзаност со тероризмот“, се вели во соопштението на канцеларијата на ФБИ во Бафало.
Покрај двете убиени лица, официјален претставник на органите на редот, кој сакаше да остане анонимен, изјави за Гласот на Америка дека вработен од Канцеларијата за теренски операции бил пренесен во болница со полесни повреди и подоцна пуштен.
Белата куќа соопшти дека претседателот Џо Бајден бил информиран за инцидентот, додека канадскиот премиер Џастин Трудо му рече на Парламентот:
„Ова е очигледно многу сериозна ситуација во Нијагарините водопади. Ова го сфаќаме извонредно сериозно“.
Некои информации во текстот се од Асошиетед прес и Ројтерс