Демократските и републиканските лидери во американскиот Сенат денес изјавија дека евентуално подоцна во текот на денот би можеле да гласаат за легислатива што ќе ја одржува владата финансирана и ќе спречи делумно затворање.
„Нема драма, нема одложување, нема затворање на владата. Тоа е нашата цел и се надеваме дека ќе постигнеме договор многу брзо“, рече лидерот на мнозинството во Сенатот Чак Шумер, демократ, на говорницата во Сенатот.
Лидерите од двете партии рекоа дека го поддржуваат нацрт-законот за трошење што е усвоен во Претставничкиот дом, контролиран од републиканците, со голема двопартиска маргина вчера.
Тековното финансирање треба да истече на полноќ в петок, а двата дома на Конгресот треба да усвојат закон за трошење и да го испратат до демократскиот претседател Џо Бајден за да го потпише.
Сенаторот Џон Тун, републиканецот број 2 во комората, рече дека е можно гласање за нацрт-законот на Претставничкиот дом подоцна во текот на денот.
„Во моментов не гледаме ништо таму што би сугерирало дека не можеме да го обработиме ова прилично брзо“, рече тој.
Предлог-законот на Претставничкиот дом предвидува да се продолжи владиното финансирање на сегашното ниво до средината на јануари, давајќи им на законодавците повеќе време да работат на планови за финансирање на сè, од војската до научно истражување.
Гласањето вчера беше победа за спикерот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон, кој се соочи со противење од некои негови колеги републиканци кои се залагаа за длабоки кратења на трошоците.
Џонсон беше малку познат конгресмен од Луизијана се` додека не беше избран за спикер на 25 октомври, по неколкунеделните републикански конфликти.
Законодавството ќе го прошири финансирањето за воена изградба, бенефиции за ветераните, транспортот, домувањето, урбаниот развој, земјоделството, Управата за храна и лекови и програмите за енергија и вода до 19 јануари.
Финансирањето за сите други федерални операции - вклучително и одбраната - ќе истече на февруари 2.