Линкови за пристапност

Некогаш земјоделска држава, а денес на македонските трпези домати и краставици од Албанија и Грција


Наместо по поевтини цени, земјоделските производи, се продаваат по енормно високи цени
Наместо по поевтини цени, земјоделските производи, се продаваат по енормно високи цени

За време на Југославија, Македонија беше позната како снабдувач на поранешните ју-републики со земјоделски производи, а денес земјава увезува 70% од потребите за храна, велат земјоделците.

За време на Југославија, Македонија беше позната како снабдувач на поранешните ју-републики со земјоделски производи, како градинарски така и овошни, вели земјоделецот Ванчо Стојаноски.

Денес, пак, македонските граѓани во добар дел јадат зеленчук, па и овошје од увоз. Домати и краставици од Албанија, пиперки од Грција. Ако се знае дека Северна Македонија е аграрна држава, наместо по поевтини цени, земјоделските производи, се продаваат по енормно високи цени.

 Македонските граѓани јадат земјоделски производи од увоз
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:34 0:00

„Нашите оранжерии можеби се оптоварени со многу високи цени на мазутот, но видете и кромидот се продава по енормно висока цена. Кромидот во Македонија, скоро и на отворено преку 12 месеци се произведува. И овде Владата треба да се погрижи во однос на маржите. Тие се неконтролирани“, вели Стојаноски.

Гласот на Америка го посети градскиот пазар во Охрид. Пазарџиите велат дека високите цени од каде што ги набавуваат производите, како и одлуката на Владата да ги замрзне цените на некои од нив, драстично им го намалила прометот и оти многумина размислувале да стават клуч на тезгите. Не можеме, велат да ги продаваме производите по пониски цени, кога ги набавуваме многу повисоко.

„Има и струмички патлиџани, а има албански. Исто така и краставици, но цените се многу големи и за нашиот стандард не може да се продаваат по таа цена. Во Владата велат, ќе ја замрзнеме цената на гравот од 70 денари, нека одат тие и нека соберат, нека влезат во бавчата, па да видат дали ќе го продаваат по 70 денари“, вели пазарџиката Ружа Митреска.

„Црвените патлиџани се албански, розевите се кочански. Ова пиперка е од Банско, другата е струмичка, црвената е увозна, грчка. Ние патлиџанот го купуваме 125 денари на големо и кутијата пет денари, 130 денари и ги даваме 150 денари. Како оди продажбата со овие цени? Многу слабо. Ова вака ако тера, не е убаво“, вели пазарџијата Мемет Жаку.

„Краставицата во Струмица е 100 денари, а ни велат на нас да ја продаваме 95 денари. Домашно производство имаме ние, но не многу. Со ваквите цени ако продолжат, производителите тотално ќе се откажат. Ако продолжи ќе биде катастрофа и за нас и за граѓаните“, се жали пазарџијата Симончо Петров.

„Ништо со овие цени не правиме, за тезги не можеме да извадиме. Луѓето купуваат ли со вакви цени? Тешко. Прашуваат и тие се бунат. Со овој увоз кој го направија, царини, давачки, затоа ваков проблем голем се направи“, вели пазарџиката Нада Савич.

Вината е и во нас земјоделците. Овие денешни случувања, односно глобализмот, неминовно и повеќе од потребно е да се здружуваме во задруги
Ванчо Стојаноски, земјоделец

Стојаноски вели дека, земјата во изминатите години не успеала да изгради добра земјоделска стратегија. Обработливите земјоделски површини се расцепкани, а сè помал е бројот и на млади земјоделци, кои сакаат да работат земјоделие.

„Вината е и во нас земјоделците. Овие денешни случувања, односно глобализмот, неминовно и повеќе од потребно е да се здружуваме во задруги, бидејќи ако не се окрупниме, каде ќе си ги намалиме трошоците и ќе дојдеме полесно до пазарите за пласман на нашите производи, тешко ќе е, не ни се пишува баш добро“, укажува земјоделецот Стојаноски.

Во едни вакви прилики, земјата, треба да изнајде начин како да го заштити домашното производство вели тој. Според него секоја држава во светот, што има можности добар дел од своите потреби да ги задоволи од сопствено производство е помалку ранлива.

XS
SM
MD
LG