Линкови за пристапност

Негативен одговор од македонската армија за барањето на Украина за нова воена помош


Одбранбениот буџет за 2024 година е во висина од историски 2,05% од БДП, истакна министерката Славјанка Петровска на годишниот брифинг за 2023 година
Одбранбениот буџет за 2024 година е во висина од историски 2,05% од БДП, истакна министерката Славјанка Петровска на годишниот брифинг за 2023 година

Согласно ставот на Генералштабот, за жал овојпат не можеме позитивно да одговориме затоа што станува збор за опрема која е дел од нашата формација, односно од потребата на македонската армија, рече министерката Славјанка Петровска за барањето од Украина за нова воена помош.

Историски највисок буџет за армијата, набавка на 42 американски оклопни возила „страјкер“, негативен одговор за барањето на Украина за нова воена помош.

Тоа беа само дел од најавите и информациите што денеска беа споделени од страна на Министерството за одбрана и Генералштабот на македонската армија, на редовниот годишен брифинг со медиуми.

„Одбранбениот буџет за 2024 година е во висина од историски 2,05% од БДП од кои повторно, една третина, ќе бидат наменети за процесот на модернизација и управување“, рече министерката Петровска.

Таа додаде дека тоа ќе овозможи набавката на оклопните возила JLTV, оклопните возила „страјкер“, системите за противвоздушна одбрана „мистрал-3“ и артилериските орудија „боран“ да продолжат да пристигнуваат согласно договореното.

Договорена е набавка на 42 оклопни возила („страјкер“), кои се од американско производство
Договорена е набавка на 42 оклопни возила („страјкер“), кои се од американско производство

Оклопните возила „страјкер“ од САД, замена за старите БТР

Како што посочи, договорена е набавка на 42 оклопни возила („страјкер“), кои се од американско производство и нивната испорака треба да почне во декември 2024 година.

„Согласно договорот, во шест наврати треба да бидат испорачани. Што значи дека, не само дека ќе бидат испорачани, туку ќе следи и соодветен тренинг и обука на персоналот, односно припадниците на армијата кои ќе управуваат со нив“, истакна Петровска.

Петровска: За жал, овојпат не можеме позитивно да одговориме затоа што станува збор за опрема која е дел од нашата формација
Петровска: За жал, овојпат не можеме позитивно да одговориме затоа што станува збор за опрема која е дел од нашата формација

Во однос на барањето од Украина за нова воена помош, министерката рече дека овојпат не добило позитивна оценка после анализите во Генералштабот.

„Согласно ставот на Генералштабот, кој е суштински многу битен во носењето на одлуката, е дека за жал, овојпат не можеме позитивно да одговориме затоа што станува збор за опрема која е дел од нашата формација, односно од потребата на македонската армија“, посочи Петровска.

Подготвеност за обука на украински војници

Министерката сепак додаде дека има подготвеност за нова обука на украински војници на македонска територија.

„Засега Република Северна Македонија, армијата и министерството остануваат отворени, доколку во иднина се појави потреба од дополнителна обука на дополнителен број нивни припадници. Но, во овој момент немаме најава, односно немаме конкретно побарување за колкав број припадници на украинската војска и каков вид обука ќе бидат извршени“, рече Петровска.

Одбележување 31 година од формирањето на Македонската армија
Одбележување 31 година од формирањето на Македонската армија

Обиди за шпионажа од странски служби

Министерката посочи и дека има постојани обиди на странски разузнавачки служби да добијат информации и податоци за македонската армија и за лицата во одбраната.

„Секој што е припадник на македонската армија, на министерството за одбрана, вклучително и носителите на политичките функции во ова министерство, логично е дека се предмет на интерес на странски служби, кои сакаат да дознаат нешто повеќе, надвор од тоа што се соопштува во јавноста. Меѓутоа, сакаат и да имаат какво било влијание, коешто ќе им овозможи спроведување на нивните цели“, рече Петровска.

Таа не кажа конкретни случаи, но рече дека службата за воена безбедност и контраразузнавање имаат податоци кои се тие странски служби што се интересираат и дали сакаат да предизвикаат некакво пореметување во работењето на домашната одбрана.

Началник на ГШ, Васко Ѓурчиновски
Началник на ГШ, Васко Ѓурчиновски

Началникот на Генералштабот, пак, Васко Ѓурчиновски, чиј мандат истекува за околу шест месеци, рече дека безбедносната состојба во државата е на високо ниво.

„Моралот, опремата, оспособеноста на вооружените сили е на високо рамниште, продолжуваме со извршување на сите наменски задачи во 2024 година“, рече генералот Ѓурчиновски.

XS
SM
MD
LG