Линкови за пристапност

Не смеевме да го спомнеме насилството врз нас: Наџат Ел Хачми, писателка и поборничка за родова рамноправност


Наџат Ел Хачми: Се обидуваат да ме замолчат. Не сакаат ниту да пишувам. Реагираат против вашиот глас, бидејќи не сакаат да ги кажете работите што се случуваат
Наџат Ел Хачми: Се обидуваат да ме замолчат. Не сакаат ниту да пишувам. Реагираат против вашиот глас, бидејќи не сакаат да ги кажете работите што се случуваат

Имаше строго правило за молк. Не ни беше дозволено ниту да го именуваме насилството, или дискриминацијата и сè што ни се случуваше нам, како жени, вели во интервју за Гласот на Америка, мароканско-шпанската писателка Наџат Ел Хачми, која се бори за поголеми слободи за жените во светот

Бидејќи не можев да зборувам, почнав да пишувам. Така раскажува Наџат Ел Хачми, писателка од Мароко во разговор за Гласот на Америка. Ел Хачми пишува за родовата рамноправност, за соочувањата со расизмот, а растела под стегите на патријархатот.

Кога имав 13 години, татко ми почна да зборува за мојата иднина како жена, за брак со некој што не го ни познавав

„Кога имав 13 години, татко ми почна да зборува за мојата иднина како жена. За брак со некој што не го ни познавав“, вели писателката која денес живее и работи во Шпанија.

Ел Хачми вели дека пишува за сите други жени што немаат можност да проговорат за сопствената слобода.

„Тие многу страдаа и не можеа ништо да кажат за нивната ситуација. Беше забрането. Имаше строго правило за молк. Не ни беше дозволено ниту да го именуваме насилството, или дискриминацијата и сè што ни се случуваше нам, како жени“, раскажува Ел Хачми која неодамна гостуваше на фестивалот „Букстар“ во Скопје.

На фестивалот зборуваше и за нејзината книга, „Во понеделник ќе нè сакаат“. Преку тоа дело, ги критикува општествата што го ограничуваат правото на избор особено на младите жени.

Јас сум од Мароко и таму сè уште постои закон за фамилија кој вели дека сексуалните релации пред брак се забранети

„Сè уште постојат земји со дискриминирачки закони насочени кон жените. Јас сум од Мароко и таму сè уште постои закон за фамилија кој вели дека сексуалните релации пред брак се забранети. Тоа е голема дискриминација кон жените, бидејќи тие мораат да ја докажат нивната девственост пред да се венчаат“, објаснува авторката.

Често за нејзиното пишување, Ел Хачми се соочува и со критики од радикални структури.

„Се обидуваат да ме замолчат. Не сакаат ниту да пишувам. Реагираат против вашиот глас, бидејќи не сакаат да ги кажете работите што се случуваат“, сведочи писателката.

Ел Хачми во делата го изнесува на виделина и расизмот, со кој се соочила како доселеник на европското тло.

„Некои луѓе се настроени расистички кон нас, поради мислењето дека се работи за нешто што е поврзано со нашето потекло, а не со фактот дека постои нешто што се вика патријархат, кој е насекаде и е универзален“, смета авторката.

Повеќето од работите што се случуваат во Европа, не се поврзани со имигрантите. Тие се поврзани со економскиот систем, со кризата, со нерамноправноста

Стравува дека низ Европа се засилуваат радикални анти-имигрантски движења.

„Европа е прилично, лицемерна, мислам. Ги обвинувате другите за сите лоши нешта што се случуваат во Европа. Но, повеќето од работите што се случуваат во Европа, не се поврзани со имигрантите. Тие се поврзани со економскиот систем, со кризата, со нерамноправноста меѓу најбогатите во општеството и најсиромашните“, укажува авторката.

Ел Хачми гостуваше на фестивалот „Букстар“ во Скопје
Ел Хачми гостуваше на фестивалот „Букстар“ во Скопје

Ел Хачми вели дека ќе продолжи да пишува, без оглед на вербалните напади со кои се соочува од радикални структури.

„Секако, секако. Да. Бидејќи единственото нешто што го имам во мои раце е да пишувам и да зборувам. Мораме да ја искористиме оваа можност да зборуваме за вистината, за тоа што не е фер, за неправдата, за дискриминацијата. Ако не го правиме тоа, тогаш и ние ќе бидеме како дел од проблемот“, категорична е Ел Хачми.

Писателката Ел Хачми на книжевниот фестивал во Скопје ја доби наградата „Букстар“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG