СКОПЈЕ – Скромни 1,9 отсто раст на БДП и инфлација од 9,5 отсто на годишно ниво. Ова се прогнозите на народната банка (НБРМ) кои денеска ги соопшти гувернерката Анита Ангеловска Бежоска презентирајќи го Кварталниот извештај со есенските макроекономски проекции на централната банка.
Наредната година ќе биде подобра на економски план и од НБРМ предвидуваат дека растот на БДП ќе изнесува 3 отсто додека инфлацијата ќе се сведе на 4 отсто на годишно ниво. Периодот на закрепнување и раст ќе продолжи и во 2025 и 2026 година за кога се очекува инфлацијата да падне на 2 отсто а растот да се зголеми на 3,5 до 4 отсто.
Проекциите на НБРМ се пониски од оние на Владата според која растот оваа година ќе биде 2,5 отсто а инфлацијата ја позиционира на 6 отсто на годишно ниво.
„За 2023 година се очекува позитивен придонес од нето-извозот и од домашната побарувачка, додека за следните две години се очекува дека растот ќе произлезе од домашната побарувачка, со најголем позитивен придонес од бруто-инвестициите, заради засилената изведба на капиталните инфраструктурни проекти поврзани со изградбата на патните коридори и приватните домашни и странски инвестиции.
Според податоците на Државниот завод за статистика, годишната инфлација во октомври забави сведувајќи се на 3,5 отсто. Во натамошниот период се очекува дополнително забавување на просечната инфлација кој за целата 2023 година би изнесувала околу 9,5 отсто. Инфлацијата и во 2024 година значително ќе се намалува до 3,5 до 4 отсто во просек, а понатаму ќе се сведе на околу 2 отсто“, изјави Ангеловска Бежоска.
Кога станува збор за дефицитот иако годинава се намалува мора да се внимава во наредниот период бидејќи проекциите се дека идната година ќе се зголеми на 2,4 отсто од БДП.
„ За 2024 година, се предвидува благо влошување на дефицитот кај тековната сметка, кој би изнесувал 2,4 отсто од БДП, што ќе произлезе од постепеното зголемување на трговската размена и стабилизацијата на приватните трансфери“, рече Ангеловска Бежоска.
Гувернерката Ангеловска Бежоска најави дека девизниот курс е стабилен и сите проекции покажуваат дека ќе се здржи стабилноста а кога станува збор за девизните резерви, во моментов 3,9 милијарди евра или 28 % од БДП.