Линкови за пристапност

Натпреварите од Лигата на шампионите ќе се одржат и покрај заканата од тероризам на Исламската држава


Натпреварите од Лигата на шампионите оваа недела ќе се одржат според планираното и покрај заканата од тероризам на Исламската држава, соопшти управното тело на европскиот фудбал.

Медиум кој е поврзан со терористичката група објави повеќе објави во кои повикува на напади на стадионите на кои се одржуваат четвртфиналните натпревари во Париз, Мадрид и Лондон во вторник и среда.

„УЕФА е свесна за наводните терористички закани упатени кон натпреварите од Лигата на шампионите оваа недела и тесно е во врска со властите на соодветните места“, се вели во соопштението на УЕФА.

„Сите натпревари се планирани да се одржат според планираното со соодветни безбедносни аранжмани“, додаваат од таму.

Предвидени се два натпревари кои ќе се одржат во Мадрид. Реал Мадрид во вторник му гостува на Манчестер Сити, а Атлетико Мадрид во среда ја пречекува Борусија Дортмунд.

Арсенал во вторник игра со Баерн Минхен во Лондон, а Пари Сен Жермен е домаќин на Барселона следниот ден.

„Сакам да ја уверам јавноста дека имаме цврст полициски план за вечерашниот натпревар (во Лондон) и продолжуваме тесно да работиме заедно со безбедносниот тим на клубот за да се осигураме дека натпреварот ќе помине мирно“, рече заменик-помошникот комесар на лондонската полиција, Аде Аделекан.

Францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманин изјави дека полицијата значително ја зајакнала безбедноста околу Паркот на принцовите во Париз.

„Видовме, меѓу другото, изјава на Исламска држава, која особено ги таргетира стадионите. Тоа не е ново“, рече Дарманин.

„Утрово побаравме од генералниот директор за внатрешна безбедност да ги пренесе информациите што ги имаме со другите (безбедносни) служби на другите земји домаќини на четвртфиналето“, рече тој.

Исламска држава ја презеде одговорноста за нападот на концертната сала Крокус пред Москва на 22 март, во кој беа убиени 144 лица.

Реваншите во Лигата на шампионите се закажани за следната недела.

Дефанзивецот на ПСЖ, Данило, рече дека тој и неговите соиграчи „треба да се концентрираат на фудбалот“, но тренерот Луис Енрике рече дека заканата е загрижувачка.

„Кого не би го загрижил тоа. Секако дека сме загрижени“, изјави тренерот на ПСЖ.

„Се надеваме дека тоа е само закана и дека ништо нема да се случи“, додаде тој.

Извор: Асошиетед прес

XS
SM
MD
LG