Лидерите на НАТО се подготвуваат за дводневен собир во Лондон што почнува во вторник, за да одбележат 70 години од создавањето на алијансата, додека тензиите може да фрлат сенка на прославата.
Војната во Сирија и заканата од Русија ќе бидат во позадината на самитот. Членките на НАТО, САД и Турција, дојдоа блиску до конфликт во северна Сирија минатиот месец, што ја потресе алијансата.
„Позицијата на Турција во Северноатлантската алијанса е комплицирана“, вели Џонатан Ајал од Кралскиот институт на обединетите служби во Лондон, во интервју за Гласот на Америка:
„Одлуката на Турција да се инволвира во воените операции на Блискиот исток, против желбата на поголем број сојузници, вклучувајќи ги и САД, како и турската одлука за купување руска воена опрема, иритира многу држави во Европа“.
Членките на НАТО велат дека подобро е да ја имаат Турција внатре отколку надвор од алијансата. „НАТО е за безбедноста на Европа, а не за координирање на политиката на Блискиот исток“, вели Ајал.
Таму каде што некогаш американските трупи го чуваа мирот,во северна Сирија, сега руските трупа патролираат. Повлекувањето на САД поттикна загриженост во врска со определбата на САД за НАТО. Францускиот претседател Емануел Макрон неодамна алијансата ја нарече „мртва во мозокот“ и ја поттикна Европа да креира сопствена безбедносна структура.
Тоа предизвика силна реакција од Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.
Некои источноевропски нации се обидуваат да донесат американски војници на теренот и покрај фактот што Членот 5 ги покрива, што сугерира дека тие повеќе им веруваат на САД отколку на НАТОАндреј Кортунов од Рускиот совет за меѓународни односи во Москва
„Европското обединување не може да го замени трансатлантското обединување. Ни требаат двете. И мора да разбереме, особено по Брегзит, дека ЕУ не може да ја брани Европа“, рече Столтенберг пред новинарите.
Европа се` уште ја гледа Русија како најголема закана по насилното анексирање на Крим во 2014 и тековната кампања на шпионирање, кибернетска војна и дезинформации.
Европската загриженост во врска со американската определба за Членот 5 на договорот за НАТО не е заснована на факти на теренот, вели Ајал:
„Реалноста е дека трошоците на Пентагон во Европа се зголемуваат, бројот на трупи се зголемува“.
Распоредувањето на американски трупи во Европа, Москва го гледа поинаку.
„Некои источноевропски нации се обидуваат да донесат американски војници на теренот и покрај фактот што Членот 5 ги покрива во однос на обезбедувањето, што сугерира дека тие повеќе им веруваат на САД отколку на НАТО“, кажа Андреј Кортунов од Рускиот совет за меѓународни односи во Москва, во неодамнешно интервју за Гласот на Америка.
Американскиот претседател Доналд Трамп повеќе пати бараше европските членки на НАТО „да ја споделат одговорноста“. Германија во средата вети дека ќе го исполни барањето за 2 % од бруто домашниот производ за НАТО, но до 2030-те.
„На претседателот треба да му се оддаде признание дека со удирање со тупаница на маса, направи САД да бидат чуени“, рече Ајал.
„Понекогаш е важно да се повтори клишето дека ова е најмоќната алијанса во модерната историја“, додаде тој.
НАТО се надева дека тоа е причина за славење кога лидерите ќе се соберат за 70-годишнината.