Линкови за пристапност

НАТО ја осуди Сирија за соборувањето на турскиот авион


Генералниот секретар Расмусен не очекува ситуацијата да ескалира, вели Алијансата стои рамо до рамо со Турција.

НАТО ја осуди Сирија за соборувањето на турски борбен авион минатата недела, оценувајќи дека нападот е пример дека сириската влада „не ги почитува меѓународните норми, мирот и безбедноста, како и човековиот живот“.

Генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен по средбата на Алијансата во Брисел изјави дека не очекува ситуацијата да ескалира. Тој се надева дека Сирија ќе ги преземе „сите неопходни мерки за да извегне вакви случки во иднина“. Расмусен не сакаше да шпекулира за евентуалната интервенција на НАТО, велејќи дека сојузниците ќе продолжат да следат како се развива ситуацијата.

„Сакам да биде јасно дека безбедноста на Алијансата е неделива. Стоиме рамо до рамо со Турција во духот на силна солидарност“, рече Расмусен.

Турција ја побара средбата во Брисел согласно член на Северноатлантскиот договор според кој земја-членка може да го стори тоа доколку смета дека нејзината безбедност е загрозена.

Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган во обраќање пред пратениците во националниот парламент истакна дека воздржаната реакција на петочниот инцидент не треба да се смета како слабост. Турското пријателство е вредно, но подеднакво силен е и турскиот гнев, порача Ердоган, кој кажа и дека Турција ќе одговори на секаков пограничен прекршок од Сирија.

Турските власти претходно соопштија дека нејзиниот авион ненамерно и за мошне кусо време навлегол во сирискиот воздушен простор, по што веднаш го напуштил, но тогаш бил погоден од сириската противвоздушна одбрана. Сирија тврди дека се работи за чин на самоодбрана.

Покрај средбата на НАТО, Турција испрати и писмо до Советот за безбедност на ОН во кое го осудува нападот и наведува дека тој “претставува голема закана по мирот и безбедноста во регионот“.
XS
SM
MD
LG