Линкови за пристапност

Трамп бара НАТО да се обврзе на 4 отсто од БДП за одбрана


Острите поделби околу тоа кој треба да плати за одбраната на Европа, го засени отворањето на самитот на НАТО во Брисел, откако американскиот претседател Доналд Трамп ги обвини европските сојузници дека ги искористуваат американските даночни обврзници.

САД трошат околу 3,5 отсто од бруто-домашниот производ за одбрана, далеку повеќе од другите земји-членки. Предвидено е дека 8 од 29-те членки, вклучувајќи ги и САД, ќе ја исполнат целта на НАТО и да издвојат 2% од БДП годинава. САД обезбедуваат 70 отсто од буџетот на НАТО.

Но, Трамп предложи сојузниците на НАТО да се обврзуват да потрошат 4 отсто од БДП за одбраната, до 2024-та година. Ова го потврди и портпаролката на Белата куќа, Сара Хакаби Сандерс, која кажа дека американскиот претседател ја покренал идејата на состанокот зад затворени врати со другите лидери на Алијансата.

Во меѓувреме, Велика Британија објави дека ќе го удвои бројот на војниците во Авганистан, додека Канада понуди да ја преводи мисијата за обука во Ирак.

„Сега мора да ја обновиме демократијата и да ја зајакнеме. НАТО ќе преземе значајна улога во тоа, а Канада ќе се обврзе на 250 војници, хеликоптери, и нудиме да ја предводиме мисијата првата година“, изјави канадскиот премиер Џастин Трудо.

Во заедничката декларација и` беше упатена покана на Македонија за почеток на пристапните преговори за членство, штом ќе се имплементира Договорот за името. Во документот се подвлекува и поддршката на НАТО за Украина и нејзините аспирации за членство.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG