Ратификацијата на Протоколот за НАТО во Сенатот може да се случи во септември, рече министерката за одбрана Радмила Шекеринска, на дебата во Германскиот маршалов фонд во Вашингтон.
Со тоа, рече таа, ќе и` се овозможи на државата да го заврши целиот процес на ратификација пред Самитот на НАТО во Лондон.
"Почнавме со Пентагон, се преселивме во Сенатот, и потоа пак се вративме во Пентагон за да ја испратиме пораката од Сенатот, а тоа е дека треба да побрзаат. Имаше интерес меѓу сенаторите со кои разговаравме, како и чувство кај извршната власт, дека не смееме да дозволиме грешки кога успехот е видлив. Голема лекција што ја научивме од минатата година, всушност уште од почетокот на нашиот мандат, е дека ако сакаме нешто да направиме не треба да го одложуваме. Добивме уверување од Пентагон и од Стејт департментот дека подготовките се во тек”, изјави Шекеринска.
Таа нагласи дека не сака да создава лажни очекувања и оти секогаш е внимателна, но, дека засега најбитно е што државата добила покана за влез во Алијансата.
"Дали ратификацијата ќе трае една година, пократко или подолго, теоретски е помалку релевантно. Да не ги тестираме нашите противници, туку да се фокусираме на целта и моментот на јасна поддршка”, рече Шекеринска.
Рече дека паралелно со процесот на пристапување се работи и на модернизација на Армијата, како и на менување на структурата на армиските сили и на Министерството за одбрана.
Сепак, рече Шекеринска, исполнувањето на реформите е голем предизвик, кој треба да се реши независно од НАТО и од Европската унија.
"Многу е важно да ја имате поддршката од јавноста. Некогаш можеби да ја имате поддршката за НАТО и ЕУ, но, истовремено може да ја загубите ако не испорачате резултати во врска со секојдневните потреби на граѓаните. Мислам дека промената на власта во државата не се случи поради НАТО и ЕУ. Ова е голема стратешка цел, но, не бевме гласани за тоа. Бевме избрани затоа што луѓето сакаат да видат промени во однос на владеење на право, слобода, правда и антикорупција. Им ги должиме овие промени”, рече Шекеринска.
Таа додаде дека е формирана нова Комисија за борба против корупцијата, и рече дека се надева оти специјалната обвинителка ќе продолжи да работи “со иста сила, исти инструменти и со мандат за адресирање на корупција на високо нивно, вклучувајќи и корупција во политичките кругови”.
Го потенцираше и подобрувањето на односите со соседите, најавувајќи дека следниот месец очекува посета од нејзиниот грчки колега.
Шекеринска е во работна посета на САД до сабота, а досега се сретна со нејзиниот колега, вршителот на должност секретар за одбрана на САД Патрик Шанахан, а имаше средби и во Белата куќа, со сенатори, конгресмени и со НАТО дипломати.
Не влегуваме во НАТО поради Русија
Наша стратешка цел за влез во НАТО беше формирана во 1993 година, и не е поврзана со Русија, рече Шекеринска.
"Не постоеше ниту еден Парламент, Влада, ниту една поголема политичка партија која ја довела во прашање оваа цел. Имавме подлеби за многу прашања, но, ова беше нешто што не` поврзуваше. Ова не го гледаме ниту како одлучувачки момент за нашата релација со Русија", истакна Шекеринска, додавајќи дека членството на Северна Македонија во НАТО ќе биде добро за самата држава, за регионот, како и за оние кои не сакаат влез во НАТО.
Facebook Forum