Линкови за пристапност

НАТО протера руски дипломати, Москва најави реакција


На дипломатите им е кажано да го напуштат Брисел до крајот на овој месец

НАТО протера осум руски дипломати и планира да ја преполови набљудувачката мисија на Русија во Алијансата, како реакција по наводните руски малигни шпионски активности во Европа, кои вклучуваа убиства, обиди за атентати и експлозии, велат европските официјални претставници.

На дипломатите им е кажано да го напуштат Брисел до крајот на овој месец. Две други руски дипломатски места во моментов кои се испразнети во седиштето на НАТО нема да смеат да се полнат, изјавија за Гласот на Америка претставници на НАТО.

Одземањето на акредитациите на осумте руски дипломати, првично објавено од британскиот „Скај њуз“, беше осудено брзо од руските законодавци.

Тие рекоа дека Кремљ ќе возврати, иако не мора да биде со протерување западни дипломати од Москва, со што ќе се постави терен за натамошно влошување на односите меѓу западните земји и Русија, како во време на Студената војна.

Официјален претставник на НАТО вчера рече: „Го намаливме бројот на позиции што Руската Федерација може да ги акредитира во НАТО на 10 од поранешните 20“, и додаде: „Ја зајакнавме нашата одбрана како одговор на агресивните акции на Русија, додека во исто време остануваме отворени за значаен дијалог“.

Потегот на НАТО уследи ден откако демократските и републиканските сенатори во Вашингтон го повикаа американскиот претседател Џо Бајден да протера 300 руски дипломати од САД доколку Москва одбие да издаде повеќе визи за Американците за да ги претставуваат САД во Русија.

Во Русија има само 100 американски дипломати, наспроти 400 руски дипломати со седиште во САД, потенцираа сенаторите.

Дел од информациите во текстот се преземени од Ројтерс

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG