Директорот за демократија и човекови права на ОБСЕ/ОДИХР, Мајкл Георг Линк, остро ги критикуваше синоќешните напади врз пратениците и побара итни мерки за ситуацијата да се реши на мирен начин.
„Апелирам на брз политички дијалог во Парламентот за итно да се дојде до ненасилни решенија“, кажа Линк.
Тој ја потенцираше важноста на Парламентот како еден од темелите на демократијата, и предупреди дека заплашувањата и физичкото насилство немаат место во демократскиот систем.
Безбедното функционирање на Парламентот е клучно за конструктивна дебата меѓу избраните претставници.
Линк подвлече дека ОБСЕ/ОДИХР тие се подготвени да асистираат за поддршка на демократските процеси.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенебрег, во денешно соопштение, вели дека изборот на новиот спикер на Собранието е позитивен чекор:
„Остро ги осудувам вчерашните напади врз членови на Парламентот во Скопје. Насилството нема место во ниту еден Парламент. Ги повикувам сите политички актери да покажат воздржаност и почит кон демократските процеси. Политичкиот дијалог е единствен рационален и соодветен начин да се оди напред и е во најдобар интерес на сите граѓани во државата.
Мнозинството во парламентот избра нов претседател. Тоа е позитивен чекор во насока на разрешување на актуелниот политички ќорсокак. Демократскиот процес мора да биде почитуван.
Властите имаат висока одговорност да го одржат владеењето на правото и во секое време, да гарантираат безбедност на Парламентот и на неговите членови.
Акти на насилство какви што видовме вчера, не смее да се дозволи да се случат повторно”, вели првиот човек на НАТО.
Амбасадата на САД во Македонија, веднаш ги осуди насилствата и порача дека ќе соработува со новоизбранието спикер Џафери.
„Најостро го осудуваме насилството во Собранието. Тоа не е во согласност со демократијата, и е неприфатлив начин за решавање на разликите. Клучно е сите страни да ги почитуваат демократските процеси и законот и да се воздржат од насилни акции кои можат да ја влошат ситуацијата. Мнозинството пратеници го избраа Талат Џафери за претседател на Собранието, во рамките на регуларна и континуирана сесија на парламентот, на која сведоци беа јавноста и медиумите. Ние ќе работиме со него за поддршка на демократијата и за унапредување на интересите на Македонија“, стои во реакцијата на амбасадата.
Facebook Forum