Членството во НАТО треба да биде еден од главните приоритети на идната македонска влада, велат за Гласот на Америка, Благоја Марковски, претседател на Балканскиот форум за безбедност и поранешниот македонски амбасадор во Париз, Агрон Буџаку.
Според Марковски без оглед на тоа кој ќе ја формира новата влада решавањето на тоа прашање е важно и од безбедносен аспект.
„Решавањето на членството на Македонија и во ЕУ и во НАТО е поврзана не само со внатрешните проблеми кои треба да се разрешат туку и со проблемот со наметнувањето на решение за име на Македонија од страна на Грција. Новата влада на Македонија ќе биде исправена пред два клучни проблеми кои ќе треба паралелно да ги решава, а тоа е да се изнајде благопријатно решение за Македонија и да се работи кон приближување на стандардите на НАТО, ако сакаме што побрзо да станеме членка“, вели Марковски.
И амбасадорот Буџаку вели дека членството во НАТО е неопходно да се случи што побрзо од аспект на компликуваната меѓународна и регионална безбедносна ситуација.
„Од аспект на мигрантите и интересот на други сили за регионот и во однос на внатрешната ситуација... Стабилноста особено за малите држави како Македонија оди преку голема фамилија. Ако во безбедносна смисла припаѓаме на големата фамилија како НАТО, најуспешната воена алијанса, поголема сигурност ќе има за граѓаните и ќе ја снема таа неизвесност која се поставува од обичните граѓаните - дали ќе ја има или ќе ја нема Македонија“, вели Буџаку за Гласот на Америка.
За Буџаку членството во НАТО ќе влијае позитивно и врз напредокот во економијата, странските инвестиции и подигнување на животниот стандард на граѓаните.