„Навистина го почитувам напорот на припадниците на АРМ во меѓународните мисии и тоа не завршува тука. Нашата соработка ќе продолжи со вашето учество во мисијата „Решителна поддршка“. Колку што сум информиран, одлуката за вашето учество се донесува. Исто така, ние ќе продолжиме со соработката во рамките на вежбите што ги организираме и ќе формираме нови видови на соработка во рамките на воените перспективи. Разговаравме со началникот (на ГШ на АРМ) во врска со иницијативата за градење на одбранбените и безбедносните капацитети“, изјавил денес во Скопје, претседавачот на Воениот комитет на НАТО, генералот Кнуд Бартелс
По средбата со началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-потполковникот Горанчо Котески, тој потенцирал дека НАТО му придава големо значење на долгорочниот придонес што АРМ и Македонија го даваат во меѓународните операции и нивната активна улога во регионалната соработка.
„Вратата на НАТО останува отворена за сите европски демократски земји коишто ги споделуваат вредностите на Алијансата и кои се во состојба да ги преземат одговорностите што произлегуваат од членството“, потенцирал гостинот од НАТО.
Еден од неговите домаќини, началникот на Генералштабот на АРМ, Котески, по средбата изјавил дека АРМ лојалноста кон Алјансата ја докажува и со учеството во мировните операции предводени од неа.
„Досега околу 3.000 припaдници на АРМ учествувале во мисиите предводени од НАТО. Тоа е доволен знак за нашата поддршка кон мирот, стабилноста, како во регионот, така и пошироко... АРМ со своите капацитети и со својата интероперабилност е подготвена да продолжи во мировните операции предводени од НАТО. Конкретно, ќе продолжиме со поддршка и учество во мировната мисијата „Решителна поддршка“ во Авганистан, која започнува во јануари“, рече Котески.
Според него, мора да продолжи взаемната поддршка и успешната соработка меѓу НАТО и АРМ, зашто постои вземна корист и за Македонија и за Алијансата.
Генералот Бартелс остварил средба и со министерот за одбрана Зоран Јолевски, со кого заклучиле дека „Република Македонија и НАТО се партнери и соработници во етаблирањето на мирот, просперитетот и демократијата во светски рамки, а припадниците на АРМ, кои беа и се дел од мисиите на Алијансата, особено во Мисијата ИСАФ, се врвни професионалци кои ги извршуваат зададените задачи вешто и умешно“, одржал предавање за питомците на Воената Академија ,,Михаило Апостолски“ , а утре ќе се сретне со претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов и со министерот за надворешни работи Никола Попоски.
/лк/