Линкови за пристапност

Очекувам Бугарија да даде поддршка за првата меѓувладина конференција, рече Заев на Самитот на НАТО


Членството во НАТО ја подобри безбедноста на Западен Балкан, рече Заев
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:25 0:00

Посветени сме на визијата за Балканот во 21. век, како регион на мир, стабилност и зголемена регионална соработка, изјави премиерот во Брисел

Прв НАТО Самит со учество на Северна Македонија како полноправна членка. За премиерот Зоран Заев ова е историски момент и за земјава, но, и за Алијансата која првпат одржува собир на највисоко ниво со 30 држави членки.

„Членството во НАТО беше реализација на нашата стратешка цел, но дополнително со нашето членство, Алијансата ја подобри безбедноста и стабилноста на регионот на Западен Балкан. Ние сме посветени на визијата за Балканот во 21. век, како регион на мир, стабилност и зголемена регионална соработка за економски придобивки и просперитет на сите граѓани“, рече Заев.

Денешнитот самит се смета за потврда на посветеноста на оваа американска администрација на трансатлантското партнерство. Тоа го кажа и Џо Бајден кој, првпат, како претседател на САД, учествува на еден собир на врвот на Алијансата.

„Тоа е многу добро, тоа е суштински за Америка“, рече Бајден.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг рече дека „силно НАТО е добро за Европа, но е добро и за Америка“.

„И знам дека ниту една голема сила има толку пријатели и сојузници колку што САД имаат во НАТО. Знаеме дека можеме да сметаме на Америка и дека Америка може да смета на Европа“, додаде Столтенберг.

Главни теми на Самитот беа како да се зајакне НАТО и единството на членките, како да се прошири неговиот опсег на дејствување, односите со Русија, подемот на Кина, тероризмот и сајберзаканите.

Од најновата членка на Алијансата дојде порака дека Западен Балкан мора да има јасна евроатлантска перспектива, и дека оставањето на регионот настрана не е опција. Премиерот се реферираше на преговорите со Бугарија, исто така членка на НАТО, од кои зависи дали ќе се деблокира процесот на пристапување.

„Очекувам дека низ разговори ќе можеме да изнајдеме решение зашто навистина е предолго – 20 години со Договор за асоцијација, 16 години земја-кандидат, верувам дека Бугарија ќе даде поддршка за наредниот чекор – одржување на првата меѓувладина конференција“, рече Заев.

Периодот за можен договор е многу кус. Останува нецела недела до состаноците на членките на ЕУ.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG