Линкови за пристапност

План Б - Условна ратификација на Пристапниот договор за НАТО во Собранието


Оваа опција би се активирала во случај Шпанија да не успее да формира влада и со тоа да задоцни со затворање на ова прашање

Условна ратификација на Пристапниот договор во НАТО во Собранието - тоа е владиниот план Б во случај да не се стигне навреме да се затвори ова прашање пред Парламентот да се распушти.

Оваа опција би се активирала во случај Шпанија, последната членка на Алијансата која се` уште не го ратификувала протоколот за членство на Северна Македонија, да не успее да формира влада и со тоа да задоцни со затворање на ова прашање, што пак би имало импликации и во земјава поради предвремените парламентарни избори најавени за 12 април - брифираат високи владини извори.

Во овој случај, актуелниот парламентарен состав во Собранието, предвреме би го ратификувал документот со кој земјата влегува во НАТО, но, ратификацијата би била објавена во Службен весник и би стапила на сила откако процедурата ќе помине во Шпанија.

Владата денеска потврди дека Дане Талески, советникот на премиерот за надворешна политика, ќе биде новиот македонски амбасадор во НАТО. Неговиот избор е усогласен со шефот на државата Пендаровски


Во оваа ситуација, според проценките во Владата, ратификацијата во Парламентот би се случила во февруари, пред распуштањето на Собранието и тоа не би имало влијание врз изборите предвидени за 12 април.

Оптимистичката варијанта со која калкулираа владини извори е дека Шпанија сепак ќе успее да ја заврши внатрешната постапка до крајот на јануари, со што Парламентот би имал доволно време да го ратификува договорот и тој да биде објавен во службен весни пред распуштање на Собранието.

Денеска во Владата брифираа и за вчерашната посета на државно - владиниот врв на американскиот носач на авиони „Хари С. Труман“, каде се сретнаа со командантот на јужното крило на НАТО.

„Минатата недела во Лондон, видовме што значи да се биде дел од семејството на земјите членки на НАТО. Бевме рамо до рамо со политичките лидери на Алијансата. Денеска сме во посета на носачот на авиони „Хари С. Труман“, еден од најимпресивните репрезенти на моќта и на комплексниот систем за ефикасни оперативни задачи за одржување на безбедноста, мирот и сигурноста во светот. Денес, Северна Македонија е дел од најмоќната воена и политичка сила на Светот“, изјави премиерот Зоран Заев.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG