„НАТО ве чека ако го спроведете договорот за името“ – јасна и куса порака од првиот човек на Алијансата пратена денеска во Скопје. Јенс Столтенберг, чија агенда опфати од средби со државно-владиниот врв до посети на воени објекти и села погодени од природни непогоди, оптимистички се надева дека наредниот пат кога ќе дојде во Македонија, ќе стапне на тлото на 30-тата земја-членка на НАТО.
„За неколку недели ќе имате референдум на кој треба да одлучите за иднината, за вашето членство во ЕУ и во НАТО. На вас е да одлучите како ќе гласате и како ќе го изразите мислењето. Она што можам да го кажам е дека НАТО е подготвен да ве прифати како 30-та земја-членка. Ако го имплементирате договорот за името, ќе станете земја-членка на НАТО. Се надевам дека следниот пат кога ќе дојдам тука ќе дојдам во земја-членка на Алијансата“, изјави генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.
Пред да дојде во скопско Стајковци во чија обнова помогна и НАТО, Столтенберг се виде и со шефот на државата. Од Иванов, ја слушнал позната позиција – дека претседателот верува во стратешките цели, но и дека ЕУ и НАТО „не смеат да бидат алиби за лош договор“. Во паузите од средбите со политичките лидери, Генералниот секретар на НАТО, присуствуваше на именувањето на улица во градскиот парк во „Столтенбергова”, во знак на благодраност за неговиот татко- норвешкиот дипломат Торвалд Столтенберг, за помошта по катастрофалниот скопски земјотрес.
Од владата доби уверувања дека Македонија, која ги стартуваше пристапните разговори за членство, ќе стори се што треба за завршување на долгиот пат.
„Силната поддршка од НАТО е од големо значење за нас за навремено завршување на реформските процеси. Референдумот ќе биде уште важен предизвик. Ние сме на историски крстопат, убеден сум дека граѓаните ќе ја препознаат важноста за моментот за перспективите за нашата земја“, изјави Зоран Заев.
Генералниот секретар на НАТО од Скопје замина за Атина – на агендата е и средба со грчкиот премиер Алексис Ципрас.
Facebook Forum