Линкови за пристапност

Столтенберг од Лондон: Ја очекуваме Северна Македонија како 30-та членка на НАТО


Очекувањата се дека процесот во Шпанија ќе заврши до крајот на јануари, за Парламентот на Северна Македонија да има доволно време да го ратификува членството во НАТО

На еден НАТО Самит македонски претставник седна на иста маса со останатите 29 земји - членки.

Лондонскиот собир на врвот на Северноатлантската алијанса може да се смета за историски за земјава, како најава за она што ќе биде вообичаена практика откако и формално ќе се заокружи процесот на придружување на Северна Македонија во најмоќниот воено-политички сојуз.

Дека членството е само прашање на време зборува и членот 5 од Лондонската декларација во кој стои: „Посветени сме на политиката на НАТО на отворена врата која ја зајакнува Алијансата и донесе безбедност за милиони Европејци. Северна Македонија денеска е овде со нас и наскоро ќе биде нашата најнова членка“.

Тоа го потврди и генералниот секретар.

„Северна Македонија и премиерот Заев беа поздравени на денешниот состанок и сите ја очекуваме земјата како 30. членка на НАТО. Ова покажува дека вратата на НАТО е отворена и силно веруваме дека членството на Северна Македонија ќе биде добро и за државата и за регионот“, изјави генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.

Заев, кој ја предводи делегацијата во Лондон, се сретнал и со шпанскиот премиер Санчез, чија земја поради вонредните избори, остана последна за да го ратификува Пристапниот протокол.

Откако процедурата ќе помине во Мадрид, Собрание на Северна Македонија треба да го ратификува договорот за пристапување во НАТО.

ВМРО-ДПМНЕ денеска доставило вакво барање до спикерот кое тој, повикувајќи се на Уставот, вели дека треба да се прати до Владата.

„Според цитираните членови од Уставот и од Деловникот, Владата е надлежна да иницира и да поднесува Предлог-закон за ратификација на меѓународни договори, и во тој контекст ова е надлежност на Владата“, рече спикерот Талат Џафери.

Очекувањата се дека процесот во Шпанија ќе заврши до крајот на јануари, за Парламентот на Северна Македонија да има доволно време да го ратификува членството во НАТО пред формалното распуштање на Собранието, кое Џафери го најави за 11 февруари поради предвремените избори предвидени за 12 април.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG