Линкови за пристапност

Прелет на авиони, армиско дефиле, показни вежби: Одбележана една година од членството во НАТО


Тоа беше наша клучна и стратешка цел од осамостојувањето до денес. Со тоа ги заокруживме заложбите на повеќе парламентарни состави и влади и ја материјализиравме огромната поддршка што во континуитет ни ја даваше огромното мнозинство македонски граѓани“, рече Пендаровски на свеченоста

Со прелет на авиони од грчкото воздухопловство, со кусо војничко дефиле на дел од армиските баталјони и показни вежби на специјалните единици денеска во касарната „Илинден“ во Скопје беше одбележана една година од членството на Северна Македонија во НАТО.

На централната свеченост во касарната присуствуваше државниот врв, на чело со претседателот и врховен командант на вооружените сили Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев, како и министерката за одбрана Радмила Шекеринска. Делегацијата од Алијансата, пак, ја предводеше командантот на Сојузничката команда на здружени сили на НАТО во Неапол, адмирал Роберт Бурк.


Претседателот Пендаровски посочи дека членството во НАТО е резултат од заложбите на повеќе парламентарни состави.

„И покрај сите одлагања, не се откажавме. Тоа беше наша клучна и стратешка цел од осамостојувањето до денес. Со тоа ги заокруживме заложбите на повеќе парламентарни состави и влади и ја материјализиравме огромната поддршка што во континуитет ни ја даваше огромното мнозинство македонски граѓани“, рече Пендаровски.


Тој потсети на пандемијата и додаде дека во предизвикот земјава не била сама.

„Иако оваа годишнина ја одбележуваме во вонредни услови со колективни штети и многу лични трагедии, не смееме да го изгубиме од предвид вистинското значење на овој ден. Нашата прва година од членството, во исто време беше и една од нашите најтешки години. Но, на предизвиците сега не им гледаме во очи сами. Со нас се 29 држави, 29 демократии, 29 наши пријатели и во добри и во лоши времиња“, истакна Пендаровски и посака идните годишнини да бидат прославувани во помирен и побезбеден амбиент.

Премиерот Заев истакна дека членството во Алијансата е израз на натпартиска, мултинационална и државничка одлука.

„Денес членството во НАТО е израз на нашата натпартиска, мултинационална и државничка одлука. Патот кон НАТО е пат кон безбедноста. Успеавме. Членството во НАТО е најголемиот придонес за нашата безбедност и стабилност. Седиме на маса со најголемите и најразвиените земји во светот. Ние сме дел од големото семејство на развиени демократии. Заедно со нив даваме придонес во светкиот мир и стабилност.


Заев додаде дека со членството во НАТО се надминуваат поделби, како политички, така и етнички.

„Овој свечен дел нè повикува да продолжиме и понатаму, кон нашата стратешка цел, членство во Европската унија“, рече Заев.

Премиерот додаде: „Денес, кога славиме една година од членство во НАТО, како 30-та членка и кога оваа 2021 година одбележуваме 30 години независна држава, со гордост можеме да констатираме дека сонот на многу генерации, е исполнет. Тоа е јасна порака за помладата генерација, да сонува и храбро да се бори за своите соништа“.

Адмиралот Бурк, пак, во своето обраќање истакна дека Алијанста станува посилна со членството и одлучноста на Северна Македонија


„Покажавте храброст, покажавте одлучност и упорност, горд сум што сум во истиот тим со сите вас и целата Алијанса е посилна со вашето членство, сите сме посилни заедно, порача Бурк.

Адмиралот ја поздрави посветеноста на државата кон идеалите за слобода и демократија и кон, како што рече, цврстата решеност да се обезбеди мир и стабилност.

„Знам дека вие се надградувате на овие импресивни способности кои веќе ги имате и вашата уникатна експертиза и стручност, ќе биде одличен придонес за Алијансата. Знам дека ќе служите како сјаен пример на другите земји кои го следат Вашиот пат“, додаде Бурк.


Министерката Шекеринска нагласи дека членството во Алијансата е најголем успех од независноста на државата, како и дека е резултат од долготрајна работа и поднесени жртви.

„Членството во НАТО беше наша битка и ние оваа битка ја добивме со жртви, со ризици и со многу работа, но ја добивме. Членството на Република Македонија во најмоќниот воено политички сојуз е најголемото достигнување во нашата историја како независна држава, достигнување кое значи препознатливост во светот, стабилност и безбедност. Безбедност која нуди шанса за просперитет, која значи посакуваност на инвестициските авторитети и меѓународен углед, истакна Шекеринска.


Министерката додаде дека армијата развива нов лесен пешадиски баталјон кој веќе следната година треба да биде подготвен за распоредување и во 2027 година ќе прерасне во лесна пешадиска баталјонска група. Се развиваат и два тима за специјални операции, леден хируршки тим, како и тим на специјалисти за стабилизација и реконструкција.

Летово на Криволак, како дел од членството во Алијансата, ќе се одржи и воена вежба „Одлучен удар“ на која учество ќе земат околу 2.700 припадници на армиите од пет земји членки на НАТО.

XS
SM
MD
LG