Линкови за пристапност

Што е НАТО? Членки, цели, финансирање, организација...


Организацијата е сојуз на 29 држави и била создадена во 1949-та година како бедем против Советскиот Сојуз.

Според официјалната веб страница на Алијансата целта е „да се гарантира слободата и безбедноста на своите членки преку политички и воени средства.“

Кои држави се членки?

Првично НАТО се состоел од 12 членки: САД, Велика Британија, Белгија, Канада, Данска, Франција, Исланд, Италија, Луксембург, Холандија, Норвешка и Португалија. Други седумнаесет држави се приклучија подоцна на групата. Црна Гора е последниот член кој се приклучи во 2017-та година.

Според членот 10 од Вашингтонскиот договор, членството е отворено за секоја „европска држава која е во позиција да ги унапреди принципите на овој Договор и да придонесе за безбедноста на северно-атлантскиот регион.“

Која е целта?

Главната цел на НАТО е безбедноста и одбраната на земјите членки. Членот 5 од Договорот наведува дека „вооружен напад врз една или повеќе земји-членки се смета за напад врз сите нив“.

Одредбата за колективна одбрана беше повикана за првпат по нападите на 11-ти септември, 2001-ва врз САД. НАТО одговори на барање на САД за помош во војната против Ал Каеда во Авганистан. Алијансата го презеде водството во војната од август 2003-та до декември 2014-та година.

Кој го финансира НАТО?

Секоја членка плаќа одредена сума за буџетот на НАТО, врз основа на договорена формула. Но, САД покриваат речиси две третини од буџетот на Алијансата.

Повелбата на НАТО бара од земјите членки да трошат два проценти од буџетот во одбрана.

Според последната проценка на НАТО, објавена во јуни 2017-та година, само шест држави ја постигнале целта од два проценти: САД, Грција, Велика Британија, Естонија, Романија и Полска.

НАТО наспроти Трамп

Претседателот Доналд Трамп одамна го критикува американското учеството во странство. Тој ги критикуваше членките на НАТО затоа што не одвојуваат повеќе пари за својата одбрана. Во јули, тој дури изјави дека Алијансата должи пари на САД.

„Многу држави ни должат огромна сума пари, многу години назад. Според мене тие избегнуваат да платат, и САД мораа да платат за нив“, рече тој. „Значи, ако се вратиме 10 или 20 години, кога ќе собереме се, ќе видиме дека но должат огромна сума пари.“

Сепак тоа не е начинот како функционира буџетот на Алијансата. Иако сите членки не ги исполнуваат своите обврски, како што е објаснето погоре, се очекува нивните придонеси да се зголемат оваа година.

Трамп, исто така, се закани дека ќе се повлече од Договорот, за кој експертите велат дека ќе биде монументална грешка.

Одбележувањето на 70-годишнината на НАТО беше деградирано на состанокот на министри за надворешни работи, бидејќи дипломатите стравуваа дека Трамп ќе ја искористи приликата за да ги обнови нападите врз Алијансата.

Не се очекува Трамп да се обрати на состанокот во Вашингтон неделава.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG