Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, денеска изјави дека на претстојната средба, министрите за одбрана на Алијансата ќе се фокусираат на потребата земјите-членки да го зголемат финансискиот придонес што го трошат за одбрана.
Столтенберг додаде дека земјите минатата година ги зголемиле трошоците за одбрана за 10 милијарди долари, но само 5 од 28 членки на НАТО ги исполнуваат условите за издвојување на 2 процента од нивниот бруто домашен производ за овие трошоци.
Претседателот Доналд Трамп за време на кампањата, ги критикуваше земјите-членки на НАТО дека немаат подеднаков придонес за овие трошоци. Тој во еден момент и предложи дека оние кои не го сториле тоа, нема автоматски да бидат одбранети од САД.
Откако ја презеде функцијата, Трамп изрази поддршка за Алијансата, вклучувајќи, како што кажа Столтенберг, и за време на двата телефонски разговора со него.
Американскиот секретарот за одбрана Џим Матис, денеска ќе отпатува во Брисел и ќе се придружи на НАТО разговорите.
Столтенберг истакна дека Алијансата со нетрпение ја чека „можноста за разговори со Матис и тоа по различни прашања, вклучувајќи го и споделувањето на товарот за трошоците, но и улогата на НАТО во борбата против тероризмот“.
Првиот човек на Алијансата додаде дека со нетрпение го очекува и престојниот состанок со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, и дека НАТО истовремено треба да биде цврст во презентирањето на кредибилна одбрана, држејќи ги дипломатските линии отворени.