Линкови за пристапност

Македонски пратеници на Молитвениот појадок во Вашингтон


Македонски пратеници на Молитвениот појадок
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:18 0:00

Престојот го користат да информираат за земјата, но и да лобираат кај соговорниците за прашања од државен интерес.

Меѓу гостите од Македонија на Националниот молитвен појадок во Вашингтон е делегација парламентарци и од власта, и од опозицијата. Владимир Ѓорчев и Силвана Бонева од ВМРО-ДПМНЕ, Андреј Петров од СДСМ и Сузана Салиу од ДУИ, велат дека ќе го искористат престојот во Вашингтон за да информираат и да лобираат за Македонија.

Веќе разговарале со Џенис Кан, демократска конгресменка од Калифорнија, нејзиниот републикански колега Дејвид Бисли од Јужна Каролина, а денеска треба да се сретнат одвоено со републиканските конгресмени Роберт Адерхолт од Алабама и Френк Волф од Вирџинија.

За македонските пратеници, евроатлантската интеграција нема алтернатива, но спорот со името и натаму е пречка. Ова е главна тема на нивните разговори во САД.

Законодавците и Вилма Трајковска, сопруга на трагично загинатиот претседател Борис Трајковски, која исто така учествува на појадокот, велат дека ја промовираат идејата на Трајковски да се градат мостови и да се демонстрира единство, а не да се инсистира на разликите што напати воделе кон поделба. Коментираат дека Молитвениот појадок е шанса за голем број средби со конгресмени и сенатори од двете главни американски партии, но дека настанот нема партиски, туку духовен карактер, со универзална молитва за сите луѓе.

„Македонската собраниска делегација имаше повеќе средби и со конгресмени, и со сенатори од Републиканската и од Демократската партија, каде ги аргументиравме македонските позиции за членство во НАТО и во ЕУ“, истакнува Владимир Ѓорчев во изјавата за Гласот на Америка.

„Во името на љубовта, проштевањето, мирот, економскиот просперитет во светот, баравме поддршка за Република Македонија, за нашето членство во НАТО, баравме одлуката од Меѓународнитот суд во Хаг да биде промовирана од нашите пријатели, конгресмени, сенатори, лобисти, Македонија да стане дел од НАТО и со тоа да го помогнат нашето членство во ЕУ и решавањето на спорот со Грција“, вели координаторката на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева.

„Мултиетничкиот и мултикултурниот карактер е познат во Македонија. Затоа не не` изненадува овој денешен собир на луѓе од целиот свет во Вашингтон. Македонија го има тој карактер. Пораките од овие сите средби се политичарите да бидат повнимателни какви пораки испраќаме во јавноста, особено за младите. Различностите, особено меѓу младите, треба да ги зближуваат“, оценува потпретседателката на Собранието од редовите на Демократската унија за интеграција, Сузана Салиу.

„Сите овие средби ги искористивме заеднички да демонстрираме дека кога се работи за стратешките интереси на државата, можеме да бидеме заедно и да се стремиме кон исти цели и оти тука нема никаква разлика меѓу политичките партии во Република Македонија“, изјави пратеникот од редовите на опозициониот Социјалдемократски сојуз, Андреј Петров.
XS
SM
MD
LG