Линкови за пристапност

Наставници и професори укажуваат: Да ги разбудиме учениците, да размислуваат аналитички, да не учат напамет


Според декемвриските резултати од меѓународното тестирање ПИСА, македонските ученици покажаа далеку потпросечни резултати од врсниците низ Европа
Според декемвриските резултати од меѓународното тестирање ПИСА, македонските ученици покажаа далеку потпросечни резултати од врсниците низ Европа

За подобри резултати во меѓународни рамки, неопходен е развој на функционалната писменост кај учениците, да се поттикнат да ги поврзуваат знаењата од различни предмети, да размислуваат аналитички, да се напушти учењето напамет, порачуваат наставници и професори.

Да ги разбудиме учениците, да размислуваат подлабоко, да ги поврзуваат знаењата, да не учат напамет. Тоа го порачуваат домашни професори и наставници.

„Да сфатат учениците дека знаењата што треба да ги стекнат, не се само за оценката којашто ќе ја ставиме на крајот во дневникот“, советува Виолета Ѓорѓиевска, наставничка по англиски јазик во Основното училиште „Ванчо Китанов“ во Пехчево.

Според декемвриските резултати од меѓународното тестирање ПИСА, македонските ученици покажаа далеку потпросечни резултати во математика, читање и наука. Според наставниците, причините за таквите резултати се од различна природа.

Да сфатат учениците дека знаењата што треба да ги стекнат, не се само за оценката којашто ќе ја ставиме на крајот во дневникот
Виолета Ѓорѓиевска, наставничка

„Честите промени во образовниот систем, воведување нови предмети, менување наставни програми, немањето учебници“, се дел од причините што ги наведува наставничката Ѓорѓиевска.

Во резултатите од тестот ПИСА беше посочено дека меѓу македонските ученици, што се на возраст од 15 години, речиси и да нема некој што може да разбере долги текстови, да толкува апстрактни содржини, или, пак, да разликува факти од мислење.

„Некои се поотворени, поголеми логичари, ги поврзуваат работите. Некои, пак, можам да кажам, не се толку функционално неписмени, колку што се мрзеливи“, смета Александра Ковачовска-Постоловска, наставничка во одделенска и во предметна настава во ООУ „Ванчо Китанов“, во Пехчево.

Надежта е дека дел од овие проблеми ќе се надминат со развој на функционалната писменост во образованието. Тоа, како што објаснуваат стручните лица, во основа е поттикнување на учениците да ги поврзуваат стекнатите знаења од различни предмети и области.

„Да се смислуваат активности, прашања, а со крајна цел да се разбудат децата, да се поттикнат малку поаналитички да размислуваат, малку подлабоко. Да ги поврзуваат работите, да имаме меѓупредметна корелација. Ако нешто се учи по еден предмет, сето тоа да се поврзе со други предмети“, посочува наставничката Ковачовска-Постоловска.

Професорката Калина Малеска од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ е координаторка на проектот за развој на функционалната писменост во основните и средните училишта
Професорката Калина Малеска од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ е координаторка на проектот за развој на функционалната писменост во основните и средните училишта

Во таа насока неодамна почна и проект за поттикнување на функционалната писменост во основните и во средните училишта. Главна координаторка е професорката Калина Малеска од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ од Скопје.

„Се става премногу голем фокус на учењето напамет, повторување на материјалот и мислам дека недостига овој елемент“, укажува професорката Малеска.

Во проектот волонтерски се вклучени триесетина наставници од повеќе училишта низ државата. Целта е да се увиди што е потребно да се преземе, за да се подобри наставата.

„Целосен пристап во наставата каде што се поттикнува соработка. Нема некаков омаловажувачки однос кон учениците, било да се мирни, немирни, учат, не учат. Односот да биде пријателски, со поттик, со позитивна атмосфера“, додава професорката Малеска.

Акцентот при правењето на наставните програми да се стави на критичкото размислување кај учениците
Виолета Ѓорѓиевска, наставничка

За почеток проектот опфаќа наставници по мајчин јазик, како и странски јазици.

„Ние сме само еден мал дел од целата таа функционална писменост. Таа се однесува и на математика и на природни науки. Не е поврзана само со јазиците“, вели наставничката Ковачовска-Постоловска.

Еден од аспектите е да им се даде можност на сите ученици во одделенијата, да се вклучат со свои ставови и размислувања.

„Акцентот при правењето на наставните програми, па и при изработката на учебниците да се стави на тоа, на критичкото размислување кај учениците“, додава наставничката Ѓорѓиевска.

Во низата пречки поради кои учениците не добиваат шанса за аналитички пристап кон содржините е преобемниот материјал во наставните програми.

„Колку и да сака наставникот, некои содржини мора, да речеме, да им ги изнатрупа, за тој сепак да ја помине таа наставна програма, и притоа да не биде сè ефикасно поминато“, смета наставничката Ѓорѓиевска.

Програмата знае да е преобемна и за сметка на тоа немаме доволно време да ги оставиме учениците да размислуваат
Александра Ковачовска-Постоловска, наставничка

Сличен став има и нејзината колешка.

„Некогаш да, програмата знае да е преобемна, да мора да се помине нешто. За сметка на тоа немаме доволно време да ги оставиме да размислуваат учениците“, додава наставничката Ковачовска-Постоловска.

Според наставниците и професорите, промените во знаењето кај македонските ученици нема да се случат преку ноќ. Но, укажуваат дека е неопходно упорно да се работи на поттикнување на функционалната писменост во македонското образование.

„Апсолутно верувам дека овие промени, иако не се видливи на прв поглед, па и да произведат резултати за 5-10-15 години, дека вреди да се направат, вели професорката Малеска.“

„Го сметам за еден вид дијагностика, да се покрене свеста“, додава Ковачовска-Постоловска.

„Функционалната писменост поттикнува да се развива критичкото размислување кај учениците. Всушност токму тоа е што учениците ќе треба да го користат понатаму низ животот“, заклучува наставничката Ѓорѓиевска.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG